Бујар Османи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бујар Османи / Фото Слободен печат / Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бујар Османи: Кој го урива Охридскиот договор и турка „дејтонизација“ на Македонија

Албанците не се задоволни од закочувањето на европскиот пат затоа што ваквата статус-кво ситуација создава дефокус од вистинските проблеми на граѓаните, за да не бараат ништо повеќе од она што секоја влада треба да го испорача. Незадоволството е затоа што во меѓувреме се поништува архитектурата на Охридскиот рамковен договор, врз кој е изградена оваа заедничка држава, вели Османи.

Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи излезе со предлог до Владата како да го надмине јазот што се отвора на европскиот пат на Македонија, во моменти кога Бугарија уште сега го оспорува акцискиот план за малцинства, еден од условите во преговорите со Унијата.

– Бидејќи има само две прашања во Преговарачката рамка што се услови без кои не се може, а во што е засегната Бугарија, јас сугерирав до Владата да ги спојат во еден пакет. Овие услови се тука, уставни измени и акциски план за малцинствата. И мојата сугестија беше, бидејќи процесот на отворање на Уставот е околу сто дена со три гласања во Собранието, дека треба да се вклопи, да не се затвори последното гласање додека Бугарија не даде согласност, односно не се постигне договор по однос на содржината. Бидејќи содржината на акцискиот план треба да се дефинира, потоа имплементацијата трае во текот на преговорите. За ова треба сега да се разговара со Бугарија, се разбира доколку Владата одлучи да пристапи до уставни измени – вели Османи во интервју за „Слободен печат“.

Тој потсети дека единствени услови на патот кон ЕУ се овие две прашања за кои постојат т.н. бенчмаркови, додека протоколите и Договорот за добрососедство се дел од добрососедските односи, но само како генерално прашање и не постои европски механизам за следење на имплементација на билатералниот процес. Според Османи, тука е направена пропагандата во целиот овој период.

Најлесно е да се откажете од процесот, вели Османи, и ќе немате никакви барање ниту од Бугарија ниту од ЕУ. Едноставно Владата може да донесе одлука дека не сака да го продолжи овој пат и тогаш завршува и Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство и протоколите. Прашањето е по која цена ќе биде тоа.

Еден од феномените на стоење во место во интегративниот процес што го посочува Османи е т.н. „пасошизација“ кон која прибегнуваат сè поголем број граѓани. Како пример тој посочи статистички податоци според кои целото словенско население во Албанија во 2011 година било сто проценти македонско и броело 5.500 луѓе. Во 2023 на пописот се пријавуваат 7.000 Бугари и 2.300 Македонци.

– Тоа може да биде предвидување како ќе се развиваат работите и во Македонија во наредниот период – предупредува Бујар Османи.

На прашањето зошто сегашната албанска политичка гарнитура во власта не го турка процесот за членство кон ЕУ, како што пред изборите ветуваше дури и со закана дека ќе излезе од Владата, Османи вели:

– За да излезете од Владата, треба прво да бидете во Владата. Мислам дека Влен е фиктивно во Владата, и според тежината, и според позициите и според можноста да донесуваат одлуки. Од каде да излезат? Треба да си во Владата за да излезеш. Второ, не го кажувам ова со иронија, но знаејќи ги луѓето, знаејќи ги партиите, тие идеолошки не веруваат во ЕУ. Не се убедени дека е тоа нешто за кое вреди да се жртвува, за разлика од ДУИ кое е убедено дека за ЕУ вреди да се жртвува многу. Особено сега со ова што се случува во односите САД – ЕУ, станува уште поважно нашето приклонување кон тој систем, тој свет на вредности што го има ЕУ.“

Бујар Османи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Бујар Османи – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Албанците не се задоволни од закочувањето на европскиот пат затоа што ваквата статус-кво ситуација создава дефокус од вистинските проблеми на граѓаните за да не бараат ништо повеќе од она што секоја влада треба да го испорача, смета Османи. Незадоволството е затоа што во меѓувреме се поништува архитектурата на Охридскиот рамковен договор, врз кој е изградена оваа заедничка држава. Тоа не е прашање што ги засега само Албанците туку ја засега државата, а со тоа сите во неа, дециден е Османи.

Таа архитектура на Охридскиот договор е поставена врз неколку принципи, тврди Османи и потсетува на двојното мнозинство во Собранието кое се нарекува Бадентерово мнозинство, врз прагот од 20 проценти што го одвојува албанскиот народ со посебен статус во државата и му овозможува да има службен јазик на ниво на државата, правична застапеност манифестирана во балансерот и европска перспектива.

– Последниот удар што ја помина црвената линија е со измислување на т.н. „мал Бадентер“, со што се поништи столбот на кој стоеше Охридскиот договор. Наместо Бадентерот како што е замислен – мнозинство од пратениците што се од немнозинските заедници, сега измислуваат мнозинство од пратеници од немнозинските заедници што се присутни во салата на Собранието. Тоа ѝ овозможува на власта да следи кој случајно излегол во тоалет или на цигара, за да може да ги помине законите на штета на тие немнозински заедници, односно да го изигра основното договорено правило. Не можете унилатерално да ги менувате правилата – револтирано одговара Османи.

За ваквите изигрувања на демократијата и на стекнатите вредности на нашата мултиетничка, функционална демократија на еднакви граѓани и заедници, ДУИ укажува и ќе укажува и пред граѓаните, но и пред меѓународната заедница:

„Очекувам меѓународната заедница да ја заштити својата инвестиција. Тоа им го велам и ним. На Балканот најтешка дилема била дали мултиетнички држави можат да постојат. Таков е теренот – лош. Меѓународната заедница има испробано два алтернативни модела – дејтонскиот и охридскиот. Дејтонскиот е повеќе на територијални решенија, охридскиот е повеќе на нетериторијални решенија, односно на интеграција, унитарна држава и децентрализација. И еднаквост преку Охрид. Јас им велам на претставници на меѓународната заедница: Се покажа ли нашиот модел како најуспешен, како најфункционален, нетериторијалниот, се покажа ли како модел за Србија, за Косово… Ако оваа инвестиција се покаже дека не е успешна, што е алтернативата? Вакуум во политиката нема. Пендулумот оди кон Дејтон. Што треба сега, да разговараме за дејтонизација на државата?“
Но што би значела таа „дејтонизација“ во Македонија?

Османи вели: „Тоа што е Дејтон сега!“ и додава „не знам што замислуваат овие што што ја покренуваат… Не знам чија е и што е нивната идеја, но нашата идеја е јасна – да се зачува охридската архитектура што значи унитарна држава, во која имате мнозинска заедница, имате немнозинска заедница над 20 проценти со посебен статус, имате заедници под 20 проценти, таа е таа архитектура! Тука се разликуваат нашите концепти. Тие избраа да го поништат мировниот Охридски договор. Ние сме сè уште убедени дека нема подобра алтернатива од охридската. Што е нивната цел, зошто го прават ова?“

Парадоксот е, како што вели, што немнозинската заедница се бори да ги зачува начелата на унитарност, на еднаквост, на територијални решенија, на децентрализација, на интеграција, на вклучување на заедниците во институциите, со цел создавање амбиент на соживот.

Но на забелешката дека освен Охридскиот договор постои и Устав што вели дека Македонија е граѓанска држава, Османи одговара со забелешка дека „ние сме консоцијативна демократија. Граѓанската држава беше дефинирана до 2001 година. Меѓутоа се увиде дека таквиот концепт во мултиетнички држави не заштитува од мајоризација на мнозинството над другите заедници!“

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи уште еднаш потенцираше дека ова што се случува сега во меѓуетничките односи е, како што рече, „унилатерална ревизија на Охридскиот договор затоа што не смета дека Вреди може да зборува во името на Албанците за да може да разговара за таков процес на ревизија. Затоа оваа унилатерална ревизија на мировен договор, според него, ќе има далекусежни последици, бидејќи луѓето ќе ја изгубат довербата дека може да има договор што ќе се почитува“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот