За Савески повиците од Мицкоски не се спорни – самостојноста на Обвинителите била вградена во Уставот
Не може ништо да го наруши самостојното постапување на Јавното обвинителство со оглед на тоа дека самостојноста е уставно загарантирана, а и поставеноста на Јавното обвинителство во правниот систем е неспорно предвидена и во Уставот и во матичните закони за Јавно обвинителство, изјави републичкиот јавен обвинител Ненад Савески
Никаква изјава ниту телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски не можела да влијае врз постапувањето на републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, но и на другите обвинители. Вака може да се протолкува изјавата на Савески по критиките кон Мицкоски за однесувањето на премиерот кон дел од обвинителите, но и неговата изјава дека пак ќе му ѕвони на Савески бидејќи „тоа му било работа“.
Препорачано
– Не може ништо да го наруши самостојното постапување на Јавното обвинителство со оглед дека самостојноста е уставно загарантирана, а и поставеноста на Јавното обвинителство во правниот систем, што неспорно е предвидена и во Уставот и во матичните закони за Јавно обвинителство. Која било реакција не можам да кажам дека влијаела врз мене за да одлучам или да постапам на каков било начин. И во овој случај ја испраќам пораката до сите јавни обвинители, без оглед какви и да се одредени активности, дејствија и изјави, во никој случај да не се одрази врз нивното секојдневно постапување и одлучување – рече Обвинителот.
Савески, кој дојде на чело на Обвинителството од Кривичниот суд, вели дека обвинителите го даваат својот максимум во секој предмет, па и во предметите што се во интерес на јавноста. Телефонските ѕвонења на премиерот ги смета како дел од соработката меѓу судската и извршната власт.
– Не знам колку е тоа надлежност на премиерот, дека меѓу другото е и да се јавува кај јавниот обвинител. Како и секој што има право да ми се јави, ми се јавил и претседателот на Владата и тука не гледам ништо спорно. Сум истакнал и во моите дадени изјави претходно – јас секогаш сум за соработка со институциите, во случајот комуникацијата на Јавното обвинителство со другите институции е неопходна во насока на остварување на резултатите. А за да се остварат резултати, потребно е и да се остварат и услови. Во голем дел во овозможувањето услови, токму таква задача и улога има извршната власт – рече Савески.
Мицкоски на брифинг со новинарите рече дека се чуди зошто се кренала толку голема врева што му се јавил на Савески за да се распраша за случајот со злоупотребите од мазутот. Овој случај јавната обвинителка Катерина Коларевиќ го затвори поради недостиг на докази, одлука што ја шокираше извршната власт. Тој најави дека пак ќе му се јавува на Савески, затоа што тоа му било работа, со оглед на тоа што обвинителот бил избран на предлог на Владата и изгласан од пратеничките групи од владината коалиција.
– Не знам што е чудно што јас сум се слушнал со јавниот обвинител, не можам јас да разберам. Друго се судии, судската власт е сосема самостојна. Јавниот обвинител го избираме и го предлагаме ние, како Влада, и не знам што е проблематично ако јас разговарам со јавниот обвинител. Еве, конкретно ќе ви кажам – разговарав и го прашав до каде се сите овие дела и ми рече дека 80 проценти од предметите што не биле распределени, ги распределил. Тоа значи предистрага, истрага сега ќе има, тоа значи процеси. Не гледам зошто од тоа се направи врева. Сум разговарал со јавниот обвинител? Ќе разговарам и во иднина, тоа ми е работа мене, да го прашувам што е, како е, до каде е. Го предложила Владата што јас ја водам, го избрале пратеничките групи од парламентот од владината коалиција, логично е да барам отчет – рече Мицкоски.
Инаку, Советот на јавните обвинители на денешната седница, на која присуствуваше и Савески, го продолжи ангажманот на Наташа Крстева Цалева како вршител на функцијата Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје. Советот не назначи ново лице, туку ја продолжи функцијата на досегашната ВД, со цел да обезбеди континуитет во работата на ВЈО Скопје. Како што информираше претседателот на СјОРМ, Башким Бесими, постапката за избор на нов Виш јавен обвинител на ВЈО Скопје, уште тече.


