Добре дојде Арена спорт МК, збогум МРТВ
Да беше жив легендарниот Младен Делиќ, веројатно ќе извикнеше: „Луѓе мои, зарем е тоа можно“.
Да, можно е, по 52 години нашиот национален јавен сервис го изгуби кремот на најубавата споредна работа на светот – директните преноси од светското фудбалско првенство!
Препорачано
За првпат во историјата Светско првенство во фудбал во Македонија нема да се гледа на МРТ
Но, ќе гледаме фудбал. Добре дојде на колегите од Арена спорт.мк.
Сè започна пред 52 години. Тогашната Телевизија Скопје во рамките на ЈРТВ започна да ги коментира натпреварите на светските фудбалски првенства на македонски јазик. Од Минхен 1974 до Катар 2022. Некои на лице место, некои во студиото во Скопје.
Беше 13 јуни 1974 година, кога заедно со колегата Иван Мировски се јавивме од олимпискиот стадион во Минхен од натпреварот Бразил – Југославија. Се сеќавам и на специјалната пратка од генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија, Симеон Банвалски до селекторот на југословенската фудбалска репрезентација Миле Миганиќ – 30 одбрани македонски лути пиперки.
Заедно со моите колеги бевме горди на коментаторските места на кои пишуваше на почетокот ЈРТ-МРТВ, а потоа во Лос Анџелес 1994 и Париз 1998 само МРТВ. И други колеги го слушаа македонскиот јазик и бројните телевизиски техничари, за момент се присетувавме на генијалната мисла на легендарниот Блаже Коневски: „јазикот ти е татковината, па каде и да си…“
Ќе биде запаметено дека нашиот јавен сервис е меѓу ретките во светот што не ги пренесуваат натпреварите од Светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада. Тоа се случи во времето на најдолговечниот генерален директор на МРТВ, Марјан Цветковски, кој сега се сели во нова удобна фотелја, прв државен човек на проектот „Скопје 2028 – културна престолнина на Европа“.
Овие зборови ги диктирам на колегите од „Слободен печат“, кои ги преточуваат во овој текст за читање со многу помешани чувства. Жалам што јавниот сервис ја губи својата најексклузивна телевизиска понуда и среќен што моја поранешна прогноза се остварува. По повеќе од деценија во некогашната „ТЕА модерна“ на Миле Јовановски, запрашан заедно со Дарко Панчев кои се ваши наследници, Дарко одговори – Филип Петковски, јас пак – Тони Стојановски. Среќно Тони, со твоите колеги во проектот Арена спорт МК и првата задача што претстои пред вас – директните преноси од претстојното Светско фудбалско првенство.
Верувам во вас, впрочем професионалноста останува кај сите вас, само треба да го менуваме каналот. Среќно и долговечно. А кога зедов збор, честитки до десетката на Мијалче Дургутов. Ќе имаме наш македонски новинар на терените ширум САД. Ќе биде веројатно вистинска атракција меѓу новинарите. Неговото десетто едноподруго учество на Светските првенства зборува за неговата вљубеност во професијата, требаше многу планини, реки, океани да прескокнува да доскокне до овој значаен јубилеј. Со задоволство ќе го гледам, а и вам ви го препорачувам да го гледате неговиот јутјуб-канал Дургутов. Тој ќе биде единствениот македонски новинар на лице место. Како што некогаш беа коментаторите на јавниот сервис.
(Авторот е спортски новинар во пензија)


