Никој не се грижи за македонскиот јазик, Господ да ни е напомош, вели Симона Груевска по оставката од Советот
Довчерашната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска, утрово во објава на Фејсбук ги образложи причините за нејзината оставка, тврдејќи дека решила да се „произнесе за вистината“ откако министерот за култура Зоран Љутков изјавил дека таа си заминала од „лични причини“. Притоа, Груевска упатува повеќе критики кон Владата и кон Министерството за култура, особено дека лани не предвиделе буџет за одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, а „притоа полни им се устите со македонскиот јазик“.
Препорачано
„Вистината е дека за една и пол година, колку што бев претседател на Советот за македонски јазик, не сум имала ниту средба со министерот за култура и туризам. Ниту дошол да го поздрави конституирањето на Советот како што е ред, ниту барем да ми се заблагодари за сите активности што ги направив во текот на минатата година со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Патем, сето тоа беше направено без пари, сите учесници што настапија на свеченоста во МНТ настапија без пари, па јас дури и сценариото го напишав без пари (нешто што го направив првпат во животот, зашто сум научник, а не сценарист), зашто сѐ уште има луѓе што си ја сакаат татковината“, посочува таа во јавната објава.
Таа прашува како Владата и Министерството за култура и туризам не предвиделе буџет за ова одбележување, а „полни им се устите со македонскиот јазик, главно преку цитати од познати писатели и дејци во напишаните говори“.
„Да се потсетиме дека оваа година Владата ќе ги плаќа Дејвид Гета и Хозе Карерас за прославата по повод 35 години од осамостојувањето на Македонија. Приоритети!“, нагласува Груевска.
ВИДЕО | Владата ќе носи извикан светски диџеј за 35-годишнината од независноста
Како што тврди, речиси една година трчала и молела да се започне со изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена во Законот за употребата на македонскиот јазик.
„На моето барање за средба со правната служба на Министерството за култура и туризам ми беше пренесено дека биле многу зафатени (?) и дека треба да се обратам до министерот за култура и туризам, што и го сторив на 29 мај 2025 година. Чекав повеќе од 6 месеци на одговор, кога повторно го ставив на дневен ред на седница на Советот за македонски јазик, па се растрчаа со смешна приказна дека министерот не го добил дописот. Работната група за изработка на Стратегијата се формираше дури на крајот на јануари 2026 година со член од Министерството за култура кој (која) беше еден вид петта колона во групата, за што ѝ пишав на државниот секретар и не добив одговор. Притоа, барав прием кај министерот за култура и туризам и два месеци чекав пред да ја дадам оставката, а никогаш не го добив“, забележува таа.
За крај, вели Груевска, се закажала јавна расправа за Националната стратегија за култура, за која пишувачите никогаш не се консултирале со Советот за македонски јазик и во делот за македонскиот јазик пишувале, како што посочува „најблаго речено неточни работи“.
„Бидејќи имав покана за јавната расправа, отидов со намера јавно да ги кажам забелешките, но од државниот секретар ми беше кажано да не зборувам јавно и дека ‘на нивен предлог сум била избрана за претседател’, што е класична закана. Јавната расправа ја напуштив и истиот ден ја напишав оставката со неличните причини и ја доставив до Владата, до Министерството за култура и туризам и до Министерството за образование и наука. Забелешките за Националната стратегија за култура ги доставив до Комисијата за култура при Собранието на Македонија и до Министерството за култура и туризам. Никој потоа не ме контактираше (официјално), ниту добив некаков одговор ниту од Владата ниту од Министерството за култура и туризам. Има уште, но мислам дека е доволно за да се процени дали од ЛИЧНИ причини сум ја дала оставката или од објективни! Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош!“, стои во јавното обраќање.


