Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Ѓорѓиевски тврди дека не ретерира туку „прави чекор назад“ од ставот за дивиот премин кај Бит-пазар, но „Али тобако“ сигурно ќе се урива

Советничката Милица Давчева од Левица потенцираше дека додека Ѓорѓиевски тактизира и се премислува, реалноста, како што вели, го демантира на најсуров начин, алудирајќи на сообраќајната незгода од минатата недела кога беа повредени двајца пешаци кои минуваа преку овој проблематичен и ризичен премин

На вчерашната седница за советнички прашања во Советот на Град Скопје, една од темите кои беа во фокусот беше нелегалниот премин кај Бит.-пазар, каде минатиот четврток беа прегазени двајца пешаци. Своевремено градоначалникот Орце Ѓорѓиевски беше дециден дека преминот ќе се затвори со ограда, но по протестот на чаирчани кои не дозволија тоа да се случи, Градот вторпат не се ни обиде да го затвори преминот.

Ѓорѓиевски не ретерирал, туку ја слушал народната волја

На оваа тема прашања имаа повеќе советници од опозицискиот блок, од кои во најголем дел обвинија дека Ѓорѓиевски менува ставови и политички ретерира.

Вие пред некое време во медиумите излеговте со дециден став дека пешачкиот премин ќе биде затворен, но откако наидовте на отпор кај граѓаните, после неколку дена вие веднаш го сменивте вашиот став и рековте дека доколку граѓаните мислат и сметаат дека таму треба се направи пешачки премин, вие ќе направите пешачки премин, односно доживеавте целосно политичко ретерирање- изјави советничката Милица Давчева од Левица.

По протестот, Градот не го менува, но го омекнува ставот за дивиот премин на Бит-пазар

Таа додаде дека булеварот „Крсте Петков Мисирков“ не е мало сокаче, туку главна артерија во Скопје која го поврзува центарот со целиот северен дел од градот, односно со општините Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево и тоа е зона со најгуст сообраќај во главниот град каде секојдневно минуваат ученици од околното основно училиште, студенти и повозрасни лица.

Ова не е некое споредно сокаче во градот туку е главна улица па затоа прашувам дали нам треба да ни се случуваат трагедии со фатален исход па дури потоа да се освестите дека треба нешто да се преземе – вели Давчева.

Советничката потенцираше дека додека Ѓорѓиевски тактизира и се премислува, реалноста, како што вели, го демантира на најсуров начин, алудирајќи на сообраќајната незгода од минатата недела кога беа повредени двајца пешаци кои минуваа преку овој проблематичен и ризичен премин.

Додека вие тактизирате, калкулирате, се премислувате, ставови од денес за утре, реалноста ве демантира на најсуров можен начин, а доказ за тоа е инцидентот кој се случи минатиот четврток кога на истото место беа прегазени маж и жена кои за среќа немаа фатални последици- рече Давчева.

ВИДЕО | Двајца пешаци се прегазени на дивиот премин кај Бит-пазар

Градоначалникот на ова прашање одговори дека не станува збор за политичко ретерирање, туку за, како што вели, правење „чекор назад“ од претходниот став со цел да ја исполни народната волја, која ја видел преку разговорите со чаирчани од кои најногу забелешки имале повозрасните.

Не станува збор за политичко ретерирање тоа што кажав дека ќе се консултирам со граѓаните бидејќи кај многумина од нив видов искрено барање на друг начин да го промениме и регулираме движењето на пешаци, земајќи предвид дека најголемиот број забелешки беа од повозрасни граѓани. Јас не се срамам и не се плашам некогаш ако треба некогаш да одам чекор назад кога е во прашање наредната волја- одговори градоначалникот.

Натпатникот не би се користел, а „Али тобако“ ќе се отстранува

Ѓорѓиевски додаде дека во наредните денови ќе се сретне со жителите на Чаир, со неговиот колега Изет Меџити и со дел од заинтересираните советници со цел, како што вели, конечната одлука да се донесе заедно со граѓаните.

Јас се консултирав со сообраќајните инженери од Секторот сообраќај во Град Скопје и стојам на ставот дека во наредните денови ќе направиме средба со граѓаните од тој дел на Скопје, а на средбата ќе го повикам и градоначалникот на Чаир, но и дел од советниците кои се понудија да се вклучат во процесот се добредојдени, така што финалната одлука ќе ја донесеме заедно со граѓаните. Во наредните денови ќе биде решен овој проблем- изјави тој.

Меџити ќе го урива, Ѓорѓиевски ќе го чисти – што ќе се случи со натпатникот кај Бит-пазар?

Советничко прашање на оваа тема имаше и Горан Арсов од ВМРО-НП, кој праша за состојбата на натпатникот кој е во непосредна близина на дивиот премин, за каде соопшти дека „Али тобако“ ги користи расипаните лифтови како магацински простор.

Се обидовте да поставите оградата на дивиот премин, но не успеавте па потоа ретериравте во ставот дека таму и прашање е дали треба да се затвори дивиот премин или не. До самиот див премин има пешачки мост кој има лифтови што „Али тобако“ ги користи како магацински простор. Без разлика дали ќе го затворите дивиот премин или ќе го означите, мора брзо да се реагира бидејќи минатата недела имаше двајца прегазени пешаци на овој премин- изјави советникот.

Ѓорѓиевски: Ќе се руши „Али тобако“ на Бит-пазар и сите диви објекти низ градот што блокираат тротоари

Ѓорѓиевски не одговори конкретно кој е неговиот став за нефункционалниот натпатник, но сепак индиректно изјави дека ниту тој не е фан на овој тип надземни премини, поради тоа што, како што вели, праксата покажува дека многу малку се користат од страна на пешаците, а за пример го посочи „Влајко“ во Карпош.

На многу места каде што има такви пешачки премин, праксата покажува дека многу малку се користат, а таков е многу познатиот мост „Влајко“ во Карпош, каде во непосредна близина има пешачки премин- додаде градоначалникот.

Иако своето политичко ретерирање го дефинираше како „способност за правење чекор назад“ и речиси целосно го отфрли пуштањето во употреба на надземниот премин за кој смета дека е бескорисен, Ѓорѓиевски единствено не се помрдна ниту малку од ставот за рушењето на познатото „Али тобако“, за што соопшти дека веќе е издадено решение за негово отстранување.

Но тоа не значи отстапување од издаденото решение за отстранување на „Али тобако“ во непосредна близина на тој пешачки премин за коешто очекувам постапување во наредните денови – децидно одговори градоначалникот.

Aли Тобако на Бит Пазар / Фото: Гугл – Мухамет Хактан Калаоглу

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот