Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

По протестот, Градот не го менува, но го омекнува ставот за дивиот премин на Бит-пазар

По неуспешниот обид за затворање, од Град Скопје за „Слободен печат“ одговорија дека не го менуваат мислењето дека преминот е опасен за граѓаните, но сега малку го променија ставот и изјавија дека се во комуникација со МВР и со Општина Чаир за да се направи на ова место, како што велат, некаква регулација на сообраќајот, без конкретен одговор дали повторно службите ќе се обидат да постават ограда.

Помина една недела од неуспешниот обид на градските служби да постават ограда и да го затворат нелегалниот пешачки премин во близина на Бит-пазар, откако на денот на акцијата десетици демонстранти се собраа и со жив штит не дозволија затворање на неозначениот и опасен премин.

Најавите за оваа акција, за која градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски изјави дека има големи шанси и да му донесе политичка одговорност поради нејзината непопуларност и незадоволство кај дел од чаирчани, започнаа пред околу три месеци.

Тогаш Ѓорѓиевски изјави дека овој премин е секојдневна опасност за сите граѓани, особено за оние најмалите, и поради тоа очекува до крајот на годината да биде трајно затворен и да биде поставена заштитна ограда, каква што има на останатиот дел од булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

– Таму има многу често сообраќајни незгоди, ќе дадам сѐ од себе до крајот на годината да го реализираме булеварот, но тоа не треба да биде причина да чекаме некоја дополнителна незгода, затоа треба побрзо да го затвориме тој див премин. На таа локација минуваат многу дечиња и ученици. Јас разбирам дека секоја промена со која ќе воспоставиме ред некому му го руши комодитетот, така ќе биде и за овој булевар. Ќе има поединци што сметаат дека најисправно решение е дивиот премин, но јас сметам дека најисправно решение е во кое нема да биде загрозен ничиј живот, особено на учениците – изјави тогаш Ѓорѓиевски.

Меџити ќе го урива, Ѓорѓиевски ќе го чисти – што ќе се случи со натпатникот кај Бит-пазар?

Натпатник постои, но е неупотреблив

Како алтернатива за граѓаните што секојдневно минуваат одовде постои и натпатникот што оди преку булеварот, кој како опција го наведе и Ѓорѓиевски. За жал, овој надземен премин што е под надлежност на Општина Чаир повеќе од една деценија не е во функција и е далеку од целосна подготвеност да им служи на граѓаните. Лифтовите се валкани и расипани, скалилата се блокирани со жици, со што преминот е тотално блокиран и неупотреблив за скопјани.

Иако најавата за неговата изградба беше уште во 2008 година, преминот беше целосно изграден и пуштен во функција во 2010 година. Натпатникот го изгради компанијата „Карпош“ АД и, како што тогаш пренесуваа медиумите, неговата изградба чинеше околу 200.000 евра, пари што според денешната слика се фрлени во вода, бидејќи овој премин е целосно нефункционален и не е од корист за граѓаните.

По шеснаесет години од неговата изградба и речиси една деценија, ако не и повеќе, од неговото последно користење, натпатникот денес е валкан и затворен за преминување.

Меџити не е фан на надземниот премин

На оваа тема се судираат ставовите на Градот и на Општина Чаир, земајќи предвид дека Ѓорѓиевски има план овој надземен премин да се ревитализира и повторно да се стави во функција, со што ќе се затвори дивиот премин. Изет Меџити, пак, уште во неговата изборна кампања минатата година изјави дека натпатникот е неупотреблив и непотребен, а спомена и негово уривање.

Надземен пешачки премин кај Бит пазар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Меџити тогаш соопшти дека по разговори со жителите и со дуќанџиите решил дека овој натпатник треба целосно да се отстрани бидејќи, според него, човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник ниту подвозник. Неговиот последен и конечен став беше целосно отстранување на постојниот надвозник и изградба на официјален пешачки премин со семафори.

– За среќа, Општина Чаир не обезбедила ниту еден денар за изградба на тој мост. Тој е изграден во замена за рекламен простор со компанијата „Акцент медија“ и Општината нема финансиска обврска. Затоа, најдоброто решение е да се урне мостот и да се изгради официјален премин со семафори – изјави градоначалникот за време на својата кампања.

Освен што е огромен ризик за пешаците, дивиот пешачки секојдневно предизвикува огромен метеж на „Крсте Петков Мисирков“ и нервоза кај возачите, имајќи предвид дека немаат друга опција освен да ги пропуштат стотиците пешаци што без престан минуваат преку булеварот, особено преку ден.

Некои чаирчани побарале да не се затвора дивиот пешачки премин кај Бит-пазар, но Градот е решен да постави ограда

Градот омекна по протестот на чаирчани

Исто така, градоначалникот непосредно пред обидот за затворање на овој премин, изјави дека жители на Чаир имале барање овој див пешачки премин да стане легален, но Градот, како што соопшти Ѓорѓиевски, категорично го одбил нивното барање и не ја менува одлуката дека на местото повторно ќе биде поставена метална ограда.

– Имаше барање на дел од граѓани од тој дел на Скопје да го направиме тој премин легален, но категорични сме во тоа дека местото треба да биде затворено поради безбедносни причини и за пешаците и за оние што се корисници на возила. На тоа место ќе се постави ограда – изјави тогаш Ѓорѓиевски.

Овие поплаки и барања од граѓани да не се поставува ограда и местото да продолжи да функционира како досега, беа еден вид најава дека чаирчани нема лесно да го „дадат“ овој див и неозначен премин, а тоа и се случи.

Акцијата наиде на големо незадоволство од чаирчани, кои во знак на протест го блокираа булеварот „Крсте Петков Мисирков“ и целосно го запреа сообраќајот, не дозволувајќи им на службите да го затворат овој нелегален премин.

ВИДЕО | Со жив штит се спречува затворањето на нелегалниот пешачки премин кај Бит-пазар

Тогаш на социјалните мрежи се појавија видеа на кои може да се забележи дека на локацијата има големо присуство на полициски службеници и десетици демонстранти кои физички спречуваат поставување ограда и тие бараат просторот да не се затвори и да се обележи, односно да се направи соодветен и означен пешачки премин.

Граѓаните коментираа дека луѓето не можат и не треба да одат до следните семафори за да го преминат булеварот, иако и од лево и од десно има достапни семафорски премини и регуларни пешачки премини од каде лесно можат да преминат преку „Крсте Петков Мисирков“.

Дивиот премин на Бит Пазар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дивиот премин на Бит Пазар – Фото Слободен печат – Методи Здравев

По неуспешниот обид за затворање, од Град Скопје за „Слободен печат“ одговорија дека не отстапуваат од ставот дека преминот е опасен за граѓаните, но сега малку го променија ставот и изјавија дека се во комуникација со МВР и со Општина Чаир за на ова место да се направи, како што велат од Градот, некаква регулација.

– Град Скопје смета дека највисок приоритет треба да биде безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено пешаците. Во таа насока на конкретната позиција во изминатиот период имаше десетици несреќи и стотици пријави од граѓани. За да не дојде до поголеми трагедии сметаме дека кај дивиот нерегуларен премин мора да постои некаква регулација за што сме во интензивна комуникација со Општина Чаир и МВР, за што дополнително ќе бидете информирани – изјавија од Град Скопје.

Останува да видиме какво соломонско решение ќе донесат надлежните за овој премин и дали ќе останат на ставот дека на местото повторно треба има ограда, или пак само ќе го означат и ќе го обележат булеварот, со што преминот ќе продолжи да си функционира како досега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот