Некои чаирчани побарале да не се затвора дивиот пешачки премин кај Бит-пазар, но Градот е решен да постави ограда
Повеќе од два месеци откако градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави рушење на нелегалните тобака и останати диви објекти во Чаир, како и затворањето на нелегалниот пешачки премин кај Бит-пазар кој секојдневно предизвикува огромен сообраќаен метеж, скопскиот градоначалник денеска изјави дека во следните денови ќе започне отстранувањето на дивите објекти низ оваа општина, а најави и оградување на нелегалниот премин преку булеварот „Крсте Петков Мисирков“.
Препорачано
-Пред една недела завршивме со процесот за меѓуопштинска соработка со Општина Чаир. Во текот на наредните денови ќе влеземе во фаза на отстранување на одредени диви објекти таму. Јас кажав дека тие процеси ќе се одвиваат паралелено и ќе бидат отстранети сите оние нелегални објекти кои што се наоѓаат таму, а потоа ќе се затвори и нелегалниот премин- изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот додаде дека изминатиов период жители на тој реон имале барање овој див пешачки премин да стане легален, но Градот, како што соопшти Ѓорѓиевски, поради безбедноста на сите учесници во сообраќајот, категорично го одбил нивното барање и не ја менува одлуката дека на местото повторно ќе биде поставена метална ограда.
-Имаше барање на дел од граѓани од тој дел на Скопје да го направиме тој премин легален, но категорични сме во тоа дека местото треба да биде затворено поради безбедносни причини и за пешаците и за оние кои се корисници на возила. На тоа место ќе се постави ограда – изјави Ѓорѓиевски.
Меџити ќе го урива, Ѓорѓиевски ќе го чисти – што ќе се случи со натпатникот кај Бит-пазар?


