Проштална средба на Сиљановска Давкова со грчката амбасадорка Филипиду
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во вилата „Билјана“ во Охрид ја прими во проштална посета амбасадорката на Хеленската Република во Скопје, Софија Филипиду.
Препорачано
На средбата било разговарано за македонско-грчките односи, регионалната соработка и европската перспектива на земјата. Сиљановска Давкова нагласила дека соработката меѓу земјите од регионот е од особено значење, особено за помалите држави, и изразила очекување Грција да биде меѓу најсилните поддржувачи на македонските евроинтеграции.
-Со влезот на земјата, но и на целиот регион во Европската Унија, ќе се затвори постојниот геостратешки јаз, што ќе придонесе за поголема трговија, инвестиции, како и за подобра енергетска поврзаност во Југоисточна Европа- истакнала претседателката.
Таа оценила дека на односите меѓу Македонија и Грција им е потребен нов импулс за нивно продлабочување и проширување во повеќе области.
Сиљановска Давкова ја истакнала и улогата на културата како значаен мост меѓу двете земји, посочувајќи дека заедничката изведба на „Кармина Бурана“ од македонската, грчката и бугарската филхармонија, како и претставата „Митот за Амазонките“ на фестивалот „Охридско лето“, се примери за успешна културна соработка.


