Пожар кај Сарагоса, фото: EPA/TONI GALAN

Европа погодена од пожари, суша и бури и покрај ублажувањето на топлотниот бран

Пожарникарите, поддржани од 30 авиони, вчера се обидуваа да го стават под контрола големиот шумски пожар во североисточна Шпанија. Повеќе од 1.000 луѓе беа евакуирани поради пожарот.

Голем пожар во регионот Арагон се прошири на повеќе од 12.000 хектари, а околу 300 членови на воените единици за итни случаи и неколку хеликоптери учествуваат во гаснењето.

Шпанската метеоролошка служба предупреди дека температурите повторно ќе се зголемат од сабота и дека во наредните недели во некои делови од Андалузија и Кастиља-Ла Манча би можеле да достигнат помеѓу 42 и 44 степени Целзиусови. Во исто време, беше издадено предупредување за екстремен ризик од шумски пожари поради приливот на топол и сув воздух од Северна Африка.

Пожарникарите се борат и со пожари во близина на Мадрид и во покраината Гвадалахара, каде што изгореа околу 1.500 хектари, а летен камп е евакуиран како превентивна мерка. Само пред една недела, пожар во Алмерија одзеде најмалку 13 животи, објавува Бета.

Високите температури и повеќекратните топлотни бранови ја исушија вегетацијата низ цела Европа, зголемувајќи го ризикот од пожари, суши и штети во земјоделството.

Научниците голем дел од екстремното време го припишуваат на климатските промени.

Според „Ројтерс Климат Монитор“, просечната максимална температура во Западна Европа вчера била околу 27,5 степени Целзиусови, 4,2 степени над просекот за 17 јули во периодот од 1961 до 1990 година.

Во Франција, сушата се влошува од крајот на мај, додека високите температури предизвикуваат проблеми и во енергетскиот сектор.

Електрана на гас на југот од земјата се соочува со можно затворање поради топлите мориња што го отежнуваат ладењето на електраната.

Во Германија, ниските нивоа на водата на Рајна го отежнаа превозот и ги зголемија трошоците за транспорт, иако неодамнешните врнежи од дожд донекаде ја подобрија ситуацијата. Во делови од Европа каде што поминаа топлински бранови, тие беа заменети со силни бури.

Во централна и источна Франција, две лица загинаа од паѓање дрвја, додека во германската покраина Баден-Виртемберг, едно лице загина од гром. Моќна бура од суперќелии ја погоди областа околу Штутгарт, носејќи силни ветрови и град со големина до пет сантиметри. Возачите се засолниле под надвозници за да се заштитат од бурата.

Во североисточна Германија, пожарникарите сè уште се борат со пожар во Националниот парк Мириц, кој гори речиси една недела. Нивната работа е отежната од присуството на неексплодирани убојни средства на поранешниот воен полигон.

Поради високиот ризик од пожари, засилени мерки се воведени и во пошироката област на Атина, каде што шумите се следат со дронови со термални камери, додека цистерни за вода се распоредени во близина на камповите.

Светската здравствена организација предупреди дека Европа се соочува со нови топлотни бранови, велејќи дека за време на топлотниот бран кон крајот на јуни се регистрирани речиси 10.000 смртни случаи повеќе од вообичаеното. Организацијата ги повика владите да ја третираат екстремната топлина како опасност по здравјето, а не само како метеоролошка- пишува Политика.

Сончаница или топлотен удар — еве како да ги препознаете опасните состојби

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот