Иван Стоилковиќ Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Заштитата на личните податоци го заштити Стоилковиќ од јавен срам

Претседателот на Собранието Африм Гаши во одговорот до координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски вели дека снимките од холот во Собранието подложат на Законот за заштита на личните податоци и поради тоа нема да бидат доставени на увид. Значи јавноста не ќе може да види како Иван Стоилковиќ го пцуе и го навредува Миле Трајчулески и дека малку фалело и физички да се пресметаат.

Претседателот на Собранието Африм Гаши не ги дава на увид снимките од инцидентот во Собранието кога за влакно беше избегната физичка пресметка меѓу министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и пратеникот Миле Трајчулески. „Слободен печат“ дојде до одговорот што Гаши му го испратил на координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски, во кој вели дека снимките од холот во Собранието подложат на Законот за заштита на личните податоци и поради тоа нема да бидат доставени на увид. Според ова, јавноста не ќе може да види како Стоилковиќ го пцуе и го навредува Трајчулески и дека малку фалело и физички да се пресметаат.

Пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска, пак, ќе биде прва што по донесувањето на етичкиот кодекс ќе достави претставка до Комисијата за деловнички прашања за навредите од колешката Лидија Петкоска кога таа ја спореди со кокошка.

Гаши во дописот до Спасовски го информира дека во електронска форма му го доставува видеозаписот од седницата за реконструкција на Владата и го упатува дека видеото може да го симне од медија-серверот на Собранието.

„Во однос на барањето видеоснимка од пред холот на сала ‘Македонија‘ за период од 17 до 19 часот на 13.7.2026 година, молам да го имате предвид членот 94 став 1 од Законот за заштита на личните податоци поради што Собранието нема законски основ да ви ја достави оваа видео снимка. Во наведената одредба е утврдено дека контролорот на Собранието, ќе ги даде личните податоци на користење на корисник за конкретен случај, кога е применливо, а врз основа на писмено барање од корисникот, доколку тој корисник во согласност со закон е овластен да ги обработува тие лични податоци“, вели Гаши во дописот до Спасовски.

Претседателот на Собранието го известува координаторот дека според член 89 став 8 од Законот за заштита на личните податоци, снимките направени при вршење видеонадзор се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок во кој се содржани заштитни мерки и други мерки за заштита на правата и слободите на субјектите на личните податоци во согласност со одредбите на овој закон.

Спасовски на координацијата в понеделник ќе реагира кај Гаши, но СДСМ засега не открива кои се следните чекори што ќе ги преземе.
На седницата за реконструкција на Владата, Стоилковиќ во просторот пред пленарната сала за влакно фалело физички да се пресмета со Битиќи и со Трајчулески, ги навредувал, пцуел и им се заканувал.
Пратеничката група на СДСМ по инцидентот одржа вонредна прес-конференција.

– Навредите што денеска беа упатени кон Битиќи и Трајчулески не е напад што се случува првпат, но тоа веќе претставува говор на омраза што сигурно може да роди насилство. Тоа што следуваше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, кога Стоилковиќ се нафрли врз пратениците физички, вербално и со пцости. Особено ме загрижува молчењето на Гаши, кој не реагираше – рече тогаш Спасовски.

Но, тензиите во Собранието не стивнаа и само ден по седницата за реконструкција на Владата, на Комисијата за финансирање и буџет пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петкоска ја навреди пратеничката на СДСМ Тренчевска и ѝ рече дека скока како кокошка. СДСМ ќе го „турка“ инцидентот врз пратеничката. Тренчевска за „Слободен печат“ изјави дека ќе го искористи правото да поднесе претставка до комисијата откако Собранието неодамна го донесе етичкиот кодекс.

– Ќе поднесам претставка до комисијата во која ќе се повикам на членовите од етичкиот кодекс дека пратениците на седница на работно тело не смеат да навредуваат и да дискриминираат. Ќе се консултирам со правниот тим и ќе ја составиме претставката бидејќи ваквото однесување мора да престане – вели Тренчевска.

Во етичкиот кодекс е наведено дека „пратеникот/пратеничката на седници на Собрание и на седници на работните тела говори и се однесува со внимание и почит кон личноста и угледот на секој поединец и води сметка да не го повреди неговиот углед и угледот на Собранието… Преку својот говор, пратеникот/пратеничката ја поддржува и ја промовира слободата на изразувањето, но внимава тоа, директно или индиректно, да не предизвика омраза, нетолеранција, нетрпеливост и/или насилство на лична, идеолошка, верска, национална, етничка, родова или расна основа, ниту на кој било друг начин да го злоупотребува правото на говор“.

Тренчевска вели дека најверојатно развој на ситуацијата ќе има по одморите бидејќи во етичкиот кодекс се дадени рокови како да се примени кодексот, односно упатство за негова примена. Упатството треба да го донесе Комисијата за деловнички прашања и рокови во кои пратениците треба да потпишат изјава дека го прифаќаат кодексот. Според етичкиот кодекс, Комисијата за деловнички прашања треба да формира работна група за следење на примената на кодексот. Работната група меѓу другото ги разгледува пријавите поврзани со можни прекршувања на одредбите од Кодексот и одлучува во рок од 30 дена од денот на приемот на пријавата. Ако работната група утврди прекршување на одредбите од кодексот, донесува одлука за изрекување на предупредување на пратеникот/пратеничката. Предупредувањето може да биде упатено лично и доверливо до пратеникот и јавно објавено на веб-страницата на Собранието.

Во сите собраниски состави досега имало вербални, а неретко и физички пресметки меѓу пратеници од власта и од опозицијата, меѓу пратеници и министри, а со напад и исфрлање од простории во Собранието се соочиле и новинари. Јавноста ја памети тепачката помеѓу пратеници од ДУИ и ДПА, 24 декември кога пратениците на СДСМ и новинари беа исфрлени од Собрание, 27 април – насилниот упад во парламентот, до „побезболните“ инциденти кога пратениците си разменуваат пцости, закани, се гаѓаат со филџани и шишиња, ги корнат и уништуваат микрофоните и лаптопите, но и кога во улога на претседател на Собранието Талат Џафери ги пцуе и ги навредува собраниските служби.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот