Пазарење во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Крај на декларациите „може да содржи“ — се воведуваат нови правила за алергени

За да ја користат ознаката, производителите прво ќе треба да покажат дека ги презеле сите мерки за спречување случајно мешање алергени во производството, темелно да ја чистат опремата, да внимаваат при складирање, транспорт и пакување

Предупредувањата „може да содржи кикирики“, „може да содржи траги од млеко“ или „може да содржи јаткасти плодови“ наскоро повеќе нема да можат да се ставаат автоматски на прехранбените производи. Наместо тоа, производителите ќе мора да се потрудат да произведуваат без да ја загадуваат храната со алергени при производство или научно да докажат дека навистина постои ризик од случајно присуство на алерген пред да користат вакво предупредување.

Ова е суштината на новите меѓународни насоки што ги усвои Комисијата „Кодекс алиментариус“ (Codex Alimentarius) – глобално тело за стандарди за безбедност на храната основано од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Светската здравствена организација (СЗО). Новиот пристап воведува процена на ризик заснована на научни докази, утврдени прагови за алергени и обврска производителите најпрво да преземат мерки за спречување вкрстена контаминација, а предупредувањето „може да содржи“ да го користат само како последна опција. Целта е потрошувачите со алергии конечно да можат да имаат доверба во информациите на етикетите.

Во последните години предупредувањата од типот „може да содржи“ станаа речиси вообичаена појава на огромен број производи. Во многу случаи тие беа поставувани како дополнителна правна заштита за производителите, без притоа да биде направена детална процена на реалниот ризик. Токму тоа доведе до парадокс. Колку повеќе производи носеа вакви предупредувања, толку повеќе дел од потрошувачите престанаа да им обрнуваат внимание. За лицата со сериозни алергии тоа претставува сериозен безбедносен ризик, бидејќи предупредувањето треба да биде знак за реална опасност, а не рутина.

Што точно се менува?

Новите насоки предвидуваат предупредувачкото означување да не биде автоматско. Производителите прво ќе треба да покажат дека ги презеле сите разумни мерки за спречување случајно мешање алергени во производството. Тоа подразбира подобро одвојување на производните линии, построги постапки за чистење на опремата, контрола при складирање, транспорт и пакување, како и системи за следење на ризикот. Доколку и по сите овие мерки останува реална можност за присуство на алерген во количина што може да предизвика реакција кај чувствителните лица, тогаш предупредувањето „може да содржи“ ќе биде оправдано.

Дополнително, новите насоки се темелат на научно утврдени референтни вредности, односно прагови на изложеност. Тоа значи дека нема секоја минимална или теоретска можност автоматски да бара предупредување, туку ќе се проценува дали количината навистина претставува ризик за поголемиот дел од луѓето со алергии. Вкрстената контаминација најчесто се случува кога различни производи се произведуваат на иста линија. На пример, фабрика може да произведува чоколада со лешници, а потоа на истата опрема да произведува обично чоколадо. Иако во рецептот нема јаткасти плодови, нивни траги може случајно да останат на опремата. Слични ситуации се јавуваат кај производи што содржат млеко, јајца, кикирики, сусам, соја, пченица и други познати алергени.

Со новите правила производителите ќе мора многу попрецизно да проценуваат дали таквиот ризик е навистина присутен.

Што значи ова за Македонија?

Иако насоките на „Кодекс алиментариус“ не се закон што автоматски се применува во секоја држава, тие претставуваат меѓународен стандард што го користат многу земји при подготовка на националните прописи и често служат како референтна основа во меѓународната трговија со храна. Во Македонија означувањето на алергените веќе е регулирано преку прописите за информирање на потрошувачите за храната, кои во голема мера се усогласени со законодавството на Европската Унија.

Производителите и увозниците се должни јасно да ги означат состојките што можат да предизвикаат алергии или нетолеранции. Меѓу нив се житарките што содржат глутен, раковите, јајцата, рибата, кикириките, сојата, млекото, јаткастите плодови, целерот, сенфот, сусамот, сулфитите, лупината и мекотелите.

Овие состојки мора да бидат визуелно истакнати во списокот на состојки, најчесто со задебелени букви или друг начин на нагласување, за потрошувачите лесно да ги забележат. Информации за алергените мора да бидат достапни и за непакуваната храна што се продава во ресторани, пекарници, слаткарници и други угостителски објекти.

Она што досега не беше детално регулирано е токму предупредувањето „може да содржи“. Во практика тоа често се користеше без единствени критериуми, па можно е идните измени на домашните прописи постепено да ги следат новите меѓународни насоки. За домашните производители тоа би значело дополнителни инвестиции во контрола на производството, подобра документација и редовни анализи на ризикот, но истовремено и поголема доверба кај потрошувачите и полесен извоз на производи на странските пазари.

Што ќе добијат потрошувачите?

За лицата што живеат со алергии најголемата придобивка е поголема сигурност. Наместо голем број производи да носат идентично предупредување без јасна основа, етикетите треба да станат покорисни и поверодостојни. Кога на производот ќе стои предупредување за можен алерген, потрошувачот ќе може да претпостави дека тоа е резултат на реална процена на ризикот, а не на претпазливост без конкретни докази. Од друга страна, компаниите ќе имаат поголема одговорност. Ќе треба да покажат дека ги применуваат добрите производствени практики и дека предупредувањата ги користат само кога навистина нема друг начин да се елиминира ризикот.

Новите насоки не значат дека ознаките „може да содржи“ ќе исчезнат од полиците. Напротив, нивната цел е тие да се користат поретко, но многу попрецизно и само кога навистина постои опасност за здравјето на потрошувачите.

Токму затоа експертите сметаат дека новиот пристап претставува една од најзначајните промени во означувањето на храната во последните години – промена што треба да ја врати довербата во етикетите и да им помогне на милиони луѓе со алергии да донесуваат побезбедни одлуки при секое купување.

Ќе се проверува цената на вештачките ѓубрива за да не скокнат цените на овошјето и зеленчукот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот