Што е изворот на заразата поради која вчера во болницата во Гостивар на преглед се јавија 150 пациенти со дијареја и повраќање?

Инфектолози и епидемиолози во болницата во Гостивар со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека испитуваат што се случува и зошто последните три дена нагло е зголемен бројот на пациенти кои бараат помош во болницата поради цревни заболувања, со симптоми на дијареја и повраќање.

Неофицијално, како што со „Слободен печат“ сподели епидемиолог од болницата во Гостивар, само вчера имало 150 прегледи на инфективното одделение – најголемиот дел од пациентите се жалеле на дијареја и повраќање.

Зголемен е бројот и на прегледи на детското одделение, иако најголемиот број пациенти биле на возраст од 18 до 60 години. Епидемиологот ни рече дека таа ги прави епидемиолошките анкети со пациентите, но уште не е пронајден изворот на заразата.

„Уште не можеме да го најдеме изворот на зараза и како настанало ова“, рече таа.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење. На градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани му е исклучен телефонот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот