Полскиот претседател стави вето на законот за истополови партнерства
Полскиот претседател стави вето на два закона со кои ќе се воведеа таканаречени договори за соживот, потег што ги запре напорите за подобрување на состојбата на истополовите парови во Полска, една од ретките членки на Европската Унија што сè уште не гарантира речиси никакви права за ЛГБТ лицата, објави Ројтерс.
Препорачано
Премиерот Доналд Туск ја презеде функцијата во 2023 година со ветување за реформирање на законите за абортус и ЛГБТ правата. Но, поделбите во неговата проевропска коалиција и ветото од националистичкиот претседател Карол Навроцки го отежнаа спроведувањето на тие цели.
Предложените закони за статусот на најблиското лице и договорот за заедничко живеење ќе им овозможат на двајца возрасни да го регулираат својот заеднички имот, пристапот до медицински информации или погребните аранжмани преку договор.
Предлозите беа поддржани од целата владејачка коалиција, вклучително и конзервативната партија ПСЛ. Тие претходно ги отфрлија сличните иницијативи од страв дека ќе ја поткопаат институцијата брак. Сепак, Навроцки, сојузник на опозициската националистичка партија Право и правда, рече дека предлозите отишле предалеку.
„Овие предлози создаваат нова, формализирана институција во рамките на семејното право, нудејќи широк спектар на права слични на оние на бракот. Како чувар на Уставот, не можам да прифатам решение што би довело до губење на посебниот статус на бракот. Тој е дефиниран во член 18 од Уставот како заедница на маж и жена под заштита и грижа на Република Полска“, рече претседателот во видео порака.
Туск остро реагираше на одлуката на претседателот.
„Ветото на претседателот е израз на презир кон луѓето и нивното право на среќа и нормален живот“, објави тој на платформата Икс.
За да се поништи ветото, на владата ѝ е потребно мнозинство од три петтини, со присуство на најмалку половина од пратениците. Со оглед на тоа што националистичката опозиција се спротивставува на законите, таков исход е практично невозможен.
Катаржина Котула, комесар за еднаквост на владата, изјави дека одлуката на Навроцки ги занемарила двата милиони луѓе што живеат во неформални врски во Полска.
Котула најави дека сега ќе се фокусира на обезбедување на сите достапни права и бенефиции за истополовите бракови склучени во странство. Полска беше принудена да ги признае по пресудата на Судот на правдата на Европската Унија.
Кампањата против хомофобијата изјави дека законите на кои претседателот стави вето се само „скелетот на првата верзија на законот за граѓанско партнерство“.
„Денешното вето на овој предлог покажува дека дури и апсолутниот минимум права што законот требаше да ги обезбеди е премногу за претседателот“, се вели во соопштението.


