Фото: Принтскрин / Икс/@ViralVolT1

ВИДЕО | Огромно свлечиште затрупа домови во Кина, луѓе останаа заробени под кал и урнатини

Стотици спасувачи во југозападна Кина се во трка со времето откако свлечиште утрово го погоди градот Чонгкинг, при што беа уништени згради, а жители останаа заробени под кал и урнатини, објави „Саут чајна морнинг пост“.

Катастрофата е една од неколкуте предизвикани од обилните врнежи и од екстремните временски услови кои погодија делови од Кина во последните недели.

Поради ситуацијата, на местото беа испратени високи претставници за спасување од Пекинг.

Локалните претставници во Чонгкинг забележале повремени одрони на карпи и издале итно предупредување околу 8 часот. Тие евакуирале повеќе од 60 жители.

Според извештајот, околу еден час подоцна се случило големо свлечиште кое поминало низ неколку станбени објекти и ги заробило жителите кои биле во процес на евакуација.

До пладне биле спасени девет луѓе, а никој од нив немал сериозни повреди.

Властите соопштија дека спасувачката операција продолжува и дека сите информации за евентуални жртви ќе бидат објавени подоцна.

Кинеското Министерство за управување со вонредни ситуации активираше национален одговор од второ ниво за геолошки катастрофи и испрати работна група предводена од министерот Џанг Ченгџонг за да ги насочува спасувачките активности на терен.

Министерството испрати 100 луѓе и опрема од Центарот за итни интервенции при природни катастрофи заедно со локалните екипи да им помогнат на заробените жители.

Видеа кои кружат на социјалните мрежи покажуваат затрупани куќи и продавници, а луѓе бегаат во обид да се спасат.

Спасувачите се тркаат со временските услови, бидејќи викендов во Чонгкинг се најавуваат грмотевици и силен ветер, што дополнително ќе ја отежни спасувачката операција.

Локален продавач на мебел со презиме Пу изјавил дека не успеал да стапи во контакт со тројца вработени во неговата продавница, која била затрупана од свлечиштето.

„Се обидов да ги повикам веднаш откако слушнав за свлечиштето околу 10 часот. Никој од нив не крена. Сега сум многу загрижен“, изјавил Пу.

Пу, кој сега се наоѓа во центар за евакуација, рекол дека неколку згради, повеќето високи по пет или по шест ката, биле срушени и затрупани од огромни карпи и од големи количества кал.

Тој додал дека не знае колку луѓе сè уште се наоѓаат во зградите, бидејќи евакуацијата сè уште трае.

ВИДЕО | Страшни бури во Кина предизвикаа торнада и свлечишта, загинаа 15 луѓе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот