ВИДЕО | Винчиќ се расплака кога дозна дека ќе го суди финалето на Мундијалот
Словенечкиот судија Славко Винчиќ ќе го суди финалето на Светското првенство, кое ќе се одигра в недела со почеток од 21:00 часот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
ФИФА објави емотивно видео во кое претседателот на Судиската комисија, легендарниот Пјерлуиџи Колина, лично му ја соопштува одлуката на искусниот 46-годишен судија од Марибор. Видно возбуден, Винчиќ не ги криеше емоциите, свесен дека добил чест да го суди најважниот натпревар на светскиот фудбал.
Ова ќе биде уште едно големо финале во богатата кариера на словенечкиот арбитар. Во 2022 година ја делеше правдата во финалето на Лига Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Ренџерс, а две години подоцна беше главен судија и во финалето на Лигата на шампионите, во кое Реал Мадрид ја совлада Борусија Дортмунд.
Винчиќ беше дел од судиската елита и на Светското првенство во Катар во 2022 година, а на актуелниот Мундијал судеше на натпреварите Бразил – Мароко, Јордан – Алжир во групната фаза, како и на осминафиналниот дуел меѓу Мексико и Еквадор.
Неговото назначување предизвика различни реакции, особено кај аргентинските навивачи, бидејќи токму тој го судеше натпреварот во кој Аргентина сензационално загуби од Саудиска Арабија на почетокот на Мундијалот во Катар. И покрај тој пораз, „гаучосите“ подоцна ја освоија светската титула.
Introducing your referee for the @FIFAWorldCup 2026 Final….🥁
Congratulations, Slavko Vinčić! 👏 pic.twitter.com/OMLJ3oA31p
— FIFA (@FIFAcom) July 17, 2026
Од друга страна, шпанската репрезентација има позитивни искуства со словенечкиот судија. Винчиќ беше главен арбитар на полуфиналето против Франција на Европското првенство во 2024 година, како и на полуфиналето од Лигата на нации против Италија во 2023 година.
Во финалето ќе му помагаат сонародниците Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ, додека четврти судија ќе биде Адам Махахмед од Јордан. Улогата на резервен арбитар ќе ја има Мохамад Алкалаф.
ФИФА воедно ги објави и судиите за натпреварот за третото место меѓу Франција и Англија. Главен судија ќе биде Венецуелецот Хесус Валенсија, со асистентите Хорхе Урего и Тулио Морено.


