„Се менуваат министри, началници и власт, само Шеваљ не се менува во Македонија“ – една од „Скај“-пораките што смести соработник на Шеваљ Муареми осум години зад решетки
Енкриптирани пораки од апликацијата „Скај“ што македонските власти со меѓународна правна помош ги добиле од Франција, сместија соработник на наркобосот Шеваљ Муареми од кланот „Грчец“ со прекар „Тони Барселона“ осум години зад решетки. Пресудата е правосилна, а во пораките од „Скај“ се разговарало за транспорт на 105 килограми кокаин од Јужна Америка за Ротердам Холандија забарикадирани во контејнери со пиперки наменети за познат европски синџир на супермаркети. Податоците од „Скај“-комуникацијата, како што соопшти судот, целосно се совпаѓале со фактите утврдени при заплената на 105-те килограми кокаин во пристаништето во Ротердам – бројот на контејнерот, неговата рута, начинот на транспорт и содржината на комуникацијата.
Препорачано
Дрогата потоа требало да се раздели на три пазари – македонскиот, европскиот и албанскиот, но била пресретната на пристаништето во Ротердам и паднала во рацете на цариниците. Во Ротердам паднале и соработниците на групата, кои биле осудени.
Лицето со прекар Тони Барселона беше обвинето дека како припадник на организираната криминална група, заедно со осомничениот Шеваљ Муареми и албанскиот државјанин Сокол Бибај, во периодот од 20 мај 2020 година до 11 декември 2020 година, организирале неовластена набавка и пренесување на наркотична дрога – кокаин од Перу, Јужна Америка до Ротердам, Кралство Холандија, со договорена количина од 120 килограми (од кои на пристаништето во Ротердам пристигнале 105 килограми), со точна насока дека кокаинот ќе биде сместен во контејнер со пиперки со определен код.
Тони Барселона е осуден на осум години затвор за активно учество во процесот на организирање на набавката и пренесувањето на кокаинот зашто со коорганизаторите активно споделувал информации за движењето и состојбата на кокаинот од момент на складирање и подготовки за тргнување од Перу, Јужна Америка до Ротредам, Кралство Холандија.
Сега осудениот Тони Барселона според пресудата, на апликацијата „Скај“ добил фотографии од непознато лице на кои се гледа бројот на контејнерот, букингот за контејнерот, почетната и крајната дестинација, царинската пломба, фотографии од легалната роба и контејнерот, по што Барселона ги препратил сликите на Сокол Бибај.
Од тие фотографии, според судот, произлегува дека дрогата е скриена во контејнерот со точни ознаки, обвинетиот Барселона знаел од која до која дестинација оди контејнерот, со кој вид легални производи се транспортирал кокаинот, за што бил известен и Шеваљ.
„Да бе Шеки, сите контејнери мора да влезат во магацин кај овој другар ми, бидејќи таков државен магацин е што ги контролира државата, таму ги затвараат, ги контролираат и ги качуваат по камиони, поминува низ скенер, ги внесуваат во пристаниште и од пристаниште ги качуваат на брод, мора да поминат сите кај овој, има многу за Холандија, Белгија и Германија“, е едната порака што Барселона му ја пратил на Муареми, а е дел од судската постапка.
Една минута подоцна му пратил нова гласовна порака:
„Сега каде што ги ставивме, се шест контејнери со тегли со пиперки. Во едното сме ги ставиле ние и седмиот е така со праз, ама јас намерно ги ставив кај тоа со пиперките, ме сфаќаш, бидејќи шест се исти, сите се за една фирма.“
Во овој контекст, судот имал предвид дека на обвинетиот со прекар Тони Барселона му била испратена фотографија од тегла со пиперки која подоцна тој му ја испратил на Сокол Бибај. Но, цариниците во Ротердам му влегле во трага на 105-те килограми кокаинот кој бил фатен и запален.
Дилемата дали пораките од „Скај“ може да бидат доказ во судска постапка е разрешена – и скопскиот Кривичен суд и Апелација сметаат дека тие се законито прибавени, автентични, веродостојни, а тоа што било споделувано меѓу Шеваљ и неговиот соработник како фотографии, локации, гласовни пораки итн – било дополнително потврдено со официјални податоци од гранични премини, аудио снимки, итн. Така, за Шеваљ Муареми било утврдено дека пораките во кои го известува својот соработник дека се наоѓа во Софија, а потоа патува кон Мадрид, целосно се совпаѓаат со официјалните податоци од граничната полиција.
Апликацијата „Скај“ на корисниците им гарантирала тајност на содржината бидејќи пораките можеле да ги читаат само испраќачот и примачот. Секој корисник при регистрацијата добивал единствен пин, а мобилните уреди на кои можела да се инсталира апликацијата не можеле да се набават како редовна понуда.
Судот нагласи дека користењето на пораките од „Скај“ е мешање во правото на приватност, но правото на приватност не е апсолутно туку може да биде ограничено кога станува збор за истраги за организиран криминал, меѓународна трговија со дрога и други тешки кривични дела, бидејќи јавниот интерес да се спречи организираниот криминал е поважен отколку приватноста.
-Се менуваат министри, се менува власт, началници се менуваат, само Шеваљ не се менува во Македонија, му вели соработникот во аудио-порака на Муареми, преку која обвинителството докажало дека токму тој се криел зад единствениот пин код на апликацијата „Скај“.
Од пресудата произлегува дека Шеваљ Муареми менувал пинови на „Скај“ ама секогаш соработниците му испраќале по некоја гласовна порака што го разоткривала. Така на пример содржината на една таква гласовна порака била:
Шеваљ Муареми, 1977, роден Грчец Скопје, нема студирано, нема школовање, нема Фејсбук нема Инстаграм, нема Снепчет нема ништо.
На ваквата порака Муареми му одговара со говорна порака со содржина:
-О, не ми спомнувај име на овие телефони.
Од пресудата произлегува и дека пин на „Скај“ имал и Сокол Бибај кој неодамна беше приведен во акција во Албанија за трговија со кокаин и перење пари а во доказите испливала и негова заедничка фотографија со Шеваљ Муареми. Бибај доби македонски пасош во аферата „Двојник“, кога беа издадени 215 лажни македонски пасоши од кои дел и за криминалното подземје а на пасошот го имал украдениот идентитет Андон Папи. За него беше распишана потерница со која успеа да помине на „Блаце“ и да избега од Македонија непречено.


