Фото: Колаж, еден од запленетите хотели поради сомнеж дека преку него се переле пари и македонски пасош
Фото: Колаж, еден од запленетите хотели поради сомнеж дека преку него се переле пари и македонски пасош

„Ќе ја издрогираме Европа“: Падна Сокол Бибај, добитник на македонски пасош, осомничен за шверц на кокаин

Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), независна државна институција во Албанија посветена на борба со организираниот криминал, разби десетчлена криминална група која се занимавала со шверц на кокаин и со перење пари, објавуваат албанските медиуми.

Конверзации од апликацијата „Скај“, добиени во истрагата, помогнале да потоне целата операција за шверц на дрога.

Еден од главните ликови што „паднаа“ во акцијата е Сокол Бибај – Албанец кој доби македонски пасош во аферата „Двојник“, кога беа издадени 215 лажни македонски пасоши од кои дел и за криминалното подземје. Сокол Бибај всушност поседуваше македонски пасош со украдениот идентитет Андон Папи. За него беше распишана потерница со која успеа да помине на „Блаце“ и да избега од Македонија непречено.

Освен за него, потерница во предметот на СПАК има и за уште еден македонски државјанин во обид, кој исто така доби пасош во „Двојник“ – Флоријан Мусај кој имаше македонски пасош под идентитетот Наум Фило.

Ги зголемиле своите инвестиции за 100 пати

Иако беа осомничени за трговија со дрога уште од 2020 година, овие луѓе продолжија со своите активности нормално, и не само тоа, туку ги зголемија своите инвестиции за 100 пати, негрижејќи се дека се во мамката на правдата. Сега сите нивни имоти се запленети од СПАК. Меѓу запленетите е и „цик-цак“ хотелот со пет ѕвезди во Химара поради сомнеж дека преку него се переле пари.

Налози за апсење СПАК издаде и за Никол Бибај, Армандо Пакани, Денис Матоши, Налди Јзирај, Оклид Алиу, Дритан Ѓика и Шпетим Алиу.

Сега нови конверзации од апликацијата „Скај“ откриваат детали за нарко-бизнисот.

Бибај и Алиу нарачувале и испорачувале

Сокол Бибај и Салваторе Алиу, како што се гледа од разговорите на апликацијата „Скај’, биле во улога на нарачател на кокаин и на испорачувач на дрогата од Еквадор за Европа.

Во разговорите, Алиу и Сокол Бибај разговараат за тоа кој колку „вреди“ на пазарот. Салваторе Алиу се фали во пораките дека произведува 1-2 тона кокаин неделно, а Бибај дека достигнува до производство од 8 тони неделно.

„Ќе ја издрогираме Европа“

Според истрагата на СПАК, во разговорите Бибај вели „ќе ја издрогираме Европа“.

Според Вокс Албанија, значаен дел од парите добиени преку криминал биле пренесени во Албанија во кеш, а не на банкарски сметки. Потоа биле „инвестирани“ во недвижнини и во градежни компании, а и во услужни дејности.

Првичната истрага открила и сомнително купување акции во разни компании по многу пониска цена од реалната.

Според СПАК, на ваков начин за багателни суми нарко-криминалците воспоставиле контрола врз бизниси, со цел парите да го изгубат своето криминално потекло.

Според обвинителството, крајната цел била да се интегрираат парите од дрогата во формалната економија на Албанија, преку инвестиции во градежништво, хотели, имоти и други бизнис-активности.

Обвинителството тврди дека мрежата успеала да организира транспорт на најмалку 50 тони кокаин, што случајот го прави еден од најголемите во регионот.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот