Астрономи отворија петиција: „Македонија е дом на Кокино, а нема современа национална опсерваторија“
Скопското астрономско друштво започна иницијатива за изградба на современа национална опсерваторија, која би била достапна за науката, образованието и јавноста. Во склоп на иницијативата тие објавија и онлајн петиција.
Препорачано
„Формирањето на астрономска опсерваторија во Македонија има долга, но за жал неуспешна историја. Во изминатите децении бројни професори, научници, академици, граѓани, здруженија и институции покренувале иницијативи за основање на национална астрономска опсерваторија, но ниту една од нив не била реализирана“, велат од Друштвото.
Денес, посочуваат оттаму, кога интересот за космичките науки и технологии постојано расте – особено кај младите – Македонија останува една од ретките европски држави без современа астрономска опсерваторија.
„Затоа, во изминатите месеци стручниот тим на Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА) подготви проектна иницијатива за формирање на Македонска астрономска опсерваторија. Во рамките на опсерваторијата се предвидени два телескопи, при што помалиот ќе биде достапен за училиштата и најмладите истражувачи. Посебен акцент е ставен на автоматизацијата, што ќе овозможи телескопите да се користат и преку интернет од сите делови на државата“, стои во петицијата.
Според астрономите, националната опсерваторија ќе овозможи да се спроведуваат научни истражувања, учество во меѓународни проекти, работа со реални астрономски податоци и директно вклучување на училиштата и универзитетите во научни активности. Покрај научната улога, велат астрономите, таа ќе биде и центар за едукација, јавни набљудувања и популаризација на науката.
„Македонија е дом на Кокино – локалитет кој многумина го сметаат за една од најстарите астрономски опсерватории во светот. Парадоксално е што денес немаме современа национална астрономска инфраструктура која ќе им служи на идните генерации. Време е тоа да се промени. Со Вашиот потпис испраќате порака дека Македонија заслужува современа астрономска опсерваторија, достапна за научниците, студентите, учениците и сите љубители на науката“, се вели во петицијата.
Астрономите бараaт од надлежните институции да го поддржат формирањето на Македонска астрономска опсерваторија.
„Поддржете ја иницијативата и помогнете да изградиме нов прозорец кон вселената. Ако нашите предци оставиле траги во историјата на астрономијата преку Кокино, наша обврска е да создадеме современа научна инфраструктура за сегашните и идни генерации“, пишува во петицијата.
Новата опсерваторија „Вера Рубин“ откри повеќе од 11.000 досега непознати астероиди


