Македонецот се обидел да ги доведе во заблуда грчките власти по убиството на Ставрула — го разоткриле деновите, часовите и потезите
Во истражната документација за случајот со убиството на 45-годишната жена кое го изврши македонски државјанин, се опишани противречностите што го издале убиецот, објави „Прототема“.
Препорачано
Противречностите во исказите на осомничениот, кој го признал делото, биле првиот клучен елемент што ги насочил истражителите кон скопјанецот како главен осомничен за убиството на Ставрула Левентаки.
Од датумот на нивната последна средба и неговите движења на денот на исчезнувањето, па сè до неговите тврдења за карактерот и секојдневниот живот на жртвата, неговите одговори покажувале значителни несогласувања – и меѓу сопствените искази и во споредба со сведочењата и доказите што веќе ги собрале властите.
Исказите на роднини, пријатели и сведоци, во комбинација со доказите од истрагата, постепено ги побивале клучните тврдења на обвинетиот, откривајќи мрежа од неточности што ги засилиле сомнежите на истражителите и одиграле важна улога во расветлувањето на случајот. Документите од истрагата детално ги бележат противречностите што го разоткриле сторителот и довеле до откривање на злосторството.
Конкретно, кога полицајците го прашале кога последен пат ја видел Ставрула, тој одговорил:
„Ја видов на денот кога се смета дека исчезнала, на 29 мај 2026 година. Дојде сама во мојот дом. Пристигна околу 16:45 часот и остана две до три минути. Сигурно не повеќе од три минути. Во рацете носеше две пластични кеси за кои не знам што имаше во нив – беа обоени, не проѕирни – и една мала проѕирна кеса за еднократна употреба во која имаше четири до шест јајца. Подоцна од нејзиниот брат дознав дека јајцата ѝ ги дал еден Албанец кој ѝ помагал со разни работи.“
На видеоснимка, пак, се гледа Ставрула со кеси во рацете како оди кон домот на скопјанецот на 30 мај, а не на 29 мај. При дополнителното сослушување, два дена подоцна, бил прашан:
„Постои ли можност Ставрула да те посетила на 30 мај, а не на 29 мај? Како си сигурен во датумот?“
Тој одговорил:
„Се сеќавам затоа што вечерта на 29 мај ѝ кажав на сопругата по телефон дека Ставрула дошла да ја провери куќата. Истото му го кажав и на нејзиниот брат Јанис кога ми се јави околу 3 или 4 јуни и ме праша дали сум ја видел. Ми рече дека исчезнала. Тогаш му кажав дека на 29 мај дошла да ја види куќата, а тој ми одговори: ‘Ќе ги рушиш ли ѕидовите? Што можеш да правиш во една куќа?’“
Но, братот на Ставрула изјавил дека сестра му го напуштила домот на 30 мај, а не на 29 мај:
„На 30 мај 2026 година, а не на 29 мај како што првично изјавив, сестра ми излезе од дома. Претходно, околу 14 часот, била во областа Варипетро за да му плати на еден работник. Оттогаш исчезна и го исклучи мобилниот телефон.“
Датумот го потврдил и сведок од Албанија, кој кажал дека на 29 мај Ставрула му се јавила и му побарала јајца.
„На 30 мај ми се јави околу 13:07 часот, но не го слушнав телефонот. Кога ја видов пропуштената повик, јас ѝ се јавив. Ме праша дали можам да ѝ донесам пет јајца. Отидов дома, земав околу осум до десет јајца и ги однесов во нејзината родна куќа. Кога ѝ ги дадов, ми рече: ‘Фала, не требаше толку многу’, мислејќи дека сум донел повеќе отколку што побарала.“
Така се потврдило дека исчезнатата навистина носела кеса со јајца, како што тврдеше и обвинетиот, но на 30 мај.
Друга жена изјавила дека на 29 мај Ставрула била видена на сосема друго место. Таа раскажала дека Ставрула ја посетила на работното место, јадела во ресторан и околу 16:10 часот ѝ испратила порака: „Сè беше прекрасно“.
Противречности имало и околу тоа што правел осомничениот по наводното заминување на Ставрула од неговиот дом. Рекол дека немал обврски и останал дома цел ден.
Но, два дена подоцна, на 16 јуни, ја променил изјавата и рекол дека околу 19:30–20:00 часот излегол со синото комбе и отишол на местото каде што ги чува кокошките.
На фотографии од истрагата се гледа неговото сино комбе како на 30 мај се движи кон областа Мурниес.
Не биле спорни само неговите движења. Во исказот од 14 јуни тој тврдел:
„Ставрула сакаше да контролира сè што се однесуваше на куќата. Иако сметката за струја беше на мое име, секогаш бараше да ѝ ги праќам сметките и доказите за плаќање.“
Сведоците, пак, ја опишале сосема поинаку, рекле дека таа не била таква како што ја опишал нејзиниот убиец, напротив, не сакала да контролира други луѓе.
Истражителите пронашле и траги што укажувале на обид за прикривање на злосторството. Во станот каде што била убиена Ставрула биле пронајдени знаци дека сторителот се обидел да ги избрише доказите, чистејќи со џогери и детергенти. Сепак, властите успеале да откријат траги од крв со специјално „сино светло“ (blue light).
На крајот, обвинетиот тврдел дека Ставрула како жена го занемарувала својот изглед, а и општо не водела сметка за хигиената. Но, нејзините пријателки дале сосема поинаква слика за Ставрула.
Една од нив изјавила: „Ставрула секогаш беше уредна и негувана. Облеката ѝ беше чиста, а косата секогаш средена во опавче. Дури и кога случајно ќе ја сретнев на улица, изгледаше средено.“
Телото на Ставрула подоцна било пронајдено закопано. Според истражните документи, токму низата противречности во исказите на осомничениот била еден од клучните фактори што довеле до негово разоткривање и расветлување на убиството.
Македонски државјанин убил жена во Грција — го ставил телото во вреќа и го закопал во нива


