ВИДЕО | Македонецот Виктор Димитриевски победи во „Никогаш не е доцна“: „Не ни сонував дека ќе стигнам до тука“
Македонскиот пејач Виктор Димитриевски е победник на годинашната сезона на музичкото шоу „Никогаш не е доцна“, освојувајќи најголем број СМС гласови од публиката, објави „Гранд“.
Препорачано
Веднаш по прогласувањето, Димитриевски ги сподели првите впечатоци и призна дека не очекувал да стигне до самиот врв на натпреварувањето.
„Не очекував дека сè ќе биде толку грандиозно. Искрено, не очекував ни дека ќе стигнам до финалето, особено ако се земе предвид дека во полуфиналето бев на Фејсбук гласање со многу добри кандидати. Имав огромна поддршка од мојата публика и бескрајно им благодарам. Благодарам на Гранд продукција за сè, на Жика што ме избра во селекцијата, а најмногу на моето семејство, сопругата и синот“, изјави Димитриевски.
Тој откри дека токму на своето семејство му ја посветува победата.
„Им ја посветувам победата затоа што цело време беа моја поддршка и беа со мене на сите снимања кога и да беше потребно“, рече пејачот.
Иако на крајот го подигна победничкиот трофеј, патот до титулата не бил лесен. Според него, најтежок период бил четвртиот круг од натпреварувањето.
„Четвртиот круг беше најкритичен, барем јас така го доживеав. Коментарите беа измешани и бев збунет. Тогаш сфатив колку лесно може да се испадне. Воедно чувствував сè поголема одговорност кон луѓето што ме поддржуваа од самиот почеток“, објасни тој.
Димитриевски призна дека животот почнал значително да му се менува уште во текот на емисијата.
„Животот ми се промени од средината на серијалот, кога натпреварувањето почна да станува посериозно. Веќе имам подготвено една песна која ќе биде објавена во август“, откри победникот.
Посебни емоции кај него предизвикал и моментот кога трофејот му го врачила пејачката Ана Бекута.
„Многу ми значи што токму таа ми го врачи трофејот. Со години ги следам и ‘Никогаш не е доцна’ и ‘Ѕвездите на Гранд’, а Ана Бекута е и моја омилена пејачка“, изјави Димитриевски.
И покрај големиот успех, тој вели дека сè уште не е целосно свесен за тоа што му се случило.
„Сè уште сум под силни впечатоци. Потребно ми е време сето ова да ми се слегне“, порача новиот победник на „Никогаш не е доцна“.


