Нарачката успешна, фискалната во „правна магла“
Со години државата троши милиони за кампањи против сивата економија. Ги убедува луѓето да бараат фискални сметки, да плаќаат со картички, да користат дигитални услуги и да не купуваат „на црно“. Граѓаните го направија токму тоа. Се префрлија на онлајн купување, плаќаат преку официјални канали и оставаат електронска трага за секоја трансакција. Но наместо да бидат наградени за својата дисциплина, тие се казнети.
Илјадници граѓани секој ден плаќаат храна, производи и услуги преку интернет-платформи и апликации за достава, убедени дека купуваат легално, дека плаќаат данок и дека како и секој друг потрошувач ќе можат да го искористат правото на поврат преку „Мој ДДВ“. Но наместо фискална сметка добиваат електронска потврда, порака на телефон или фактура на имејл. Пари се земени. ДДВ е пресметан. Нарачката е испорачана. Само едно недостига, документот што му е потребен на граѓанинот за да си ги врати парите како што државата сама му ветила.
Препорачано
И тука почнува најголемиот апсурд. Со години државата троши милиони за кампањи против сивата економија. Ги убедува луѓето да бараат фискални сметки, да плаќаат со картички, да користат дигитални услуги и да не купуваат „на црно“. Граѓаните го направија токму тоа. Се префрлија на онлајн купување, плаќаат преку официјални канали и оставаат електронска трага за секоја трансакција. Но наместо да бидат наградени за својата дисциплина, тие се казнети.
Казнети затоа што системот не може да го следи времето во кое живееме.
Ако купите бурек во пекарница за 90 денари, добивате фискална сметка. Ако купите кафе во локалното кафуле, добивате фискална сметка. Ако купите сок во маркет, добивате фискална сметка. Но ако нарачате ручек од 1.000 денари преку апликација, многу често останувате без сметка што може да се скенира во „Мој ДДВ“.
Дали тоа е нормално? Во 2026 година, кога една апликација знае каде се движи доставувачот во секунда, кога банките за неколку секунди процесираат електронски плаќања и кога државата има увид во речиси секоја финансиска трансакција, институциите сè уште немаат одговор на едноставното прашање: каде е фискалната сметка?
Уште поскандалозно е што никој не сака да ја преземе вината, односно законски сите се во право. Платформите велат дека тие се само посредници. Трговците велат дека наплатата е преку други субјекти. Доставувачите велат дека тие само носат производи. УЈП се повикува на законски процедури. Асоцијациите зборуваат за идни решенија. Сите имаат објаснување. Никој нема решение.
Во меѓувреме, граѓаните губат. И не станува збор за неколку денари. Ако илјадници нарачки дневно остануваат без фискални сметки, тогаш илјадници граѓани секојдневно губат право на поврат на ДДВ. Тоа веќе не е технички пропуст. Тоа е системски проблем што директно удира по семејниот буџет.
Најопасно од сè е што ваквата практика испраќа погрешна порака. Им се кажува на граѓаните дека не е важно дали купуваат легално и транспарентно, затоа што нивните права зависат од тоа дали купуваат на шалтер или преку мобилен телефон. Со други зборови, државата создава граѓани од прв и втор ред. Едните добиваат фискална сметка и поврат на ДДВ. Другите добиваат „благодарница“ за успешна нарачка и ништо повеќе.
Замислете колкав би бил скандалот ако маркетите престанат да издаваат фискални сметки. Ако рестораните почнат да им даваат на гостите само порака дека платиле. Ако бензинските пумпи одбијат да печатат сметки. Инспекциите би биле на терен уште истиот ден.
Но кога истото им се случува на илјадници онлајн купувачи, проблемот со години се турка под тепих. Затоа јавноста има право да праша: кому му одговара оваа правна магла? Кому му одговара граѓаните да немаат документ што може да се скенира? Кому му одговара системот „Мој ДДВ“ да важи за едни, а да не важи за други? Време е за јасен одговор.
Ако државата смета дека онлајн купувањето е легален и пожелeн начин на трговија, тогаш мора да обезбеди секоја трансакција да биде проследена со валидна фискална сметка, без разлика дали производот е купен на каса, преку веб-страница или преку мобилна апликација.
Во спротивно, сите приказни за дигитализација, модернизација и борба против сивата економија ќе останат само празни пароли. Бидејќи граѓаните веќе го направија својот дел од работата. Купуваат легално. Плаќаат данок. Оставаат електронска трага. Почитуваат правила.
Сега е ред државата да го направи својот дел. Или нека престане да ги убедува граѓаните дека „Мој ДДВ“ е нивно право, ако во практика за огромен број од нив тоа право едноставно не постои.


