Охридско Езеро / Фото: Pexels / Jakov Jovanoski

Постаро е од човекот, НАСА по него крсти месечина – денес го славиме Охридското Езеро

Денеска го славиме Денот на Охридското Езеро – езеро со геолошка и биолошка историја од над милион години, кое се истакнува како едно од најстарите езера во Европа и исклучително место на биолошката разновидност од глобално значење.

Благодарение на богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина, Охридскиот Регион е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО од 1979 година, како природно наследство, а од 1980 година и како културно наследство.  Тој е еден од ретките локалитети во светот што има и природно и културно значење.

Светската важност на Охридското Езеро се потврди и во 2010 година кога НАСА и Меѓународниот астрономски сојуз одлучија едно од езерата на Сатурновата месечина – Титан, да го носи името „Охридско Езеро“ (Ohrid Lacus).

Актуелна состојба со УНЕСКО

Во јули 2019 година, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО официјално го прошири статусот на заштитеното подрачје и на албанскиот дел од Охридското Езеро. Со заштитата на целиот езерски слив се овозможи интегрирано управување и зачувување на уникатниот биодиверзитет и ендемските видови.

Но, изминативе години УНЕСКО повеќепати предупредува дека регионот е под сериозна закана поради: неконтролирана урбанизација, прекумерен туризам, загадување на водите, недоволно пречистување на отпадните води, како и поради инфраструктурни проекти без соодветни проценки на влијанието врз наследството.

Во својот извештај за состојбата на зачуваност од 2024 година,  УНЕСКО оцени дека: „состојбата на зачувување не се подобрува и нема позитивен тренд за обновување на интегритетот на локалитетот“.

Организацијата посочи дека голем дел од претходно побараните мерки не се спроведени во доволен обем и дека опасностите идентификувани уште во 2021 година сè уште не се надминати.

Фото: Pexels / Beyzanur

Поради тоа, УНЕСКО разгледуваше можност регионот да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, но конечната одлука беше одложувана за да им се даде дополнително време на Македонија и Албанија да ги спроведат мерките со кои ќе ја подобрат ситуацијата.

Со последната одлука од УНЕСКО во 2025 година, Македонија и Албанија добија дополнителна една година за спроведување на корективните мерки и избегнување на ставање на регионот на Листата на светско наследство во опасност.

Па, така Охридскиот регион сè уште останува на Листата на светско наследство на УНЕСКО, но е под засилен мониторинг.

Ендемски видови, ризница на здравјето и подводна археологија

Eдно од најзначајните жаришта на биодиверзитет во Европа

Охридското Езеро е едно од најзначајните жаришта на биодиверзитет во Европа и често се нарекува „музеј на живи фосили“ поради големиот број древни и уникатни видови што преживеале милиони години.

Езерото е старо приближно 2–3 милиони години и е едно од најстарите езера во светот. Неговата долготрајна изолираност овозможила развој на уникатни видови кои не се среќаваат никаде на друго место. Според истражувањата во езерото се регистрирани повеќе од 200 ендемски растителни и животински видови, при што ендемски се 36 отсто од сите видови и 34 отсто од животинските видови.

Особено висок степен на ендемизам има кај полжавите, раковите, сунѓерите, алгите и рибите.

Најпозната за пошироката јавност е охридската пастрмка – симболот на езерото. Оваа риба живее исклучиво во Охридското Езеро. А, поради прекумерен риболов и деградација на живеалиштата е под посебна заштита. Неколку локални називи и подврсти се летница, струшка и  охридската пастрмка-белвица.

Охридската пастрмка се разликува од поточната пастрмка по сплеснатото тело, по малата глава и ѕвездестите сиви пеги по телото. Бојата на месото е кај некои бела, а кај некои розовкаста. Таа секогаш живее во Охридското Езеро. Денот го поминува во длабочините и на места што се доста оддалечени од брегот, а на површината на водата испливува навечер, кога лови муви. Понекогаш приоѓа до самиот брег, во плитките води, барајќи храна од подводните растенија.

Од вкупно 17 видови риби во езерото, околу 10 се ендемски според податоците на УНЕСКО, што е исклучително висока концентрација за европско езеро.

Охридска белвица / Охридска пастрмка / Фото: Wikimedia commons

Други ендемски групи организми кои се уникатни за Охридското Езеро се:  дијатомеи (микроскопски алги); сунѓери; полжави; школки; ракови; планарии и други безрбетници.

Охридскиот топчест сунѓер (Ochridaspongia rotunda) е ендемичен вид, прастар остаток од евроазиската фауна. Живее на длабочини од 30 до 50 метри, прицврстен за карпи или школки. Неговото постоење е клучен доказ за милионската старост и континуитет на Охридското Езеро, што го прави еден од најважните биолошки бисери.

Охридска сунѓерска пијавица (Dina ohridana) е специфична ендемска пијавица која еволуирала целосно изолирано и се храни со ситни организми од дното.

Во езерото живеат десетици видови ендемски полжави. Еден од најчудните е видот со капаче од родот Acroloxus, кој развил посебни форми за прилепување во длабоките карпести делови.

Здравствен туризам

Проучувања од страна на медицинските експерти потврдија дека на бреговите на Охридското Езеро постојат одлични услови за развој на здравствениот туризам. Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови, поволното струење на воздухот, благите промени на температурата од едно во друго годишно време и многу други климатски погодности на охридското крајбрежје се вистинска „ризница на здравјето“. Според лекарите има идеална клима за лекување на кардиоваскуларни болести, особено за постинфарктен третман. Ладната езерска вода е мошне корисна за лекување и на проширени вени.

Лекарите особено постарите пациенти ги советуваат за користење престој кај манастирот св. Наум и кај селата Љубаништа и Трпејца. Ова подрачје крај бреговите на Охридското Езеро е идеално за климатотерапија. Поради близината на планината Галичица која се наоѓа помеѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, езерската клима е корисна за анемични лица. Климатските услови влијаат и врз заболените од асма и реуматизам и го забрзуваат процесот на нивното лекување.

Археолошки куриозитети

Охридското Езеро е едно од најзначајните подрачја за подводна археологија на Балканот. Благодарение на неговата старост, чистота и релативно стабилно ниво на водата, на дното и долж бреговите се зачувани бројни остатоци од праисториски населби

Еден од познатите подводни археолошки локалитети во Охридското Езеро е Плоча Миќов Град – праисториска наколна (палафитна) населба лоцирана кај Заливот на Коските. Датира од периодот меѓу 1200 и 700 година пр.н.е. (крајот на бронзеното и почетокот на железното време) Подводните истражувања откриле околу 6.000 дрвени колци забодени во езерското дно. Пронајдени се керамички садови, алатки и други предмети од секојдневниот живот.

Заливот на коските / Фото: Robert Wyatt / Alamy / Profimedia

Палафитната населба на локалитетот Врбник, евидентирана уште во 80-тите години на минатиот век е познат локалитет во регионот на Струга.  На подводниот археолошки локалитет Врбник е откриен исклучително богат и разновиден движен археолошки материјал (керамика, накит, органски и камени остатоци ). Пронајдоците датираат главно од доцното бронзено време и железното време

Во последните години археолозите вршат систематско рекогносцирање на источниот брег на езерото, особено кај Пештани и Трпејца. Откриени и мапирани се нови потенцијални археолошки локалитети и поединечни наоди кои се внесуваат во националниот регистар на културно наследство.

Охридското Езеро како мотив во уметноста

Охридското Езеро е постојана инспирација во творештвата на уметниците, поетите… Несомнено е важно да се спомне песната „Охрид“ на Блаже Конески која е објавена во неговата дебитантска поетска збирка „Земјата и љубовта“ (1948 година).

Охрид

1.
Ој разбуди се, росо девојче,
ти да погледаш долу полено,
како е поле раззеленето,
и по полето бели сватови
коњи виловни што разиrрале,
песна сватовска што запеале. —
Ој та не ми е поле широко, поле широко раззеленето.
Ој туку ми е сино езеро, сино езеро разлелеано.
Ој та не ми се бели сватови,
ој туку ми се бели бранови.
Ој та не ми е песна сватовска,
ој туку ми е песна жалосна.
Шуми езеро, играј езеро,
летај жгалебче белокрилесто.
Летај долетај мене на рака,
да те затоплам на бели гради!
2.
Три дена веќе езерото,
три ноќи пее бурна песна,
како во чуден занес сето,
како во иrра страсна и бесна
бучи и ј ачи
клика и плачи!
О таква сила! Да можеш така
во занес бескрај сет да тонеш!
Да можеш таков глас да имаш,
над бурни водје да заѕвони,
од сури ридје да се рони!

Сликите на големиот уметник Вангел Наумовски, кој е родум од охридското село Скребатно, се длабоко инспирирани од Охридското Езеро, неговата флора, фауна и митологија, претворајќи ја локалната стварност во надреални подводни светови.

Интересно е што во периодот од 1965-69 година тој работел во Хидро-биолошкиот завод во Охрид, каде што имал задача под микроскоп да ги набљудува и детално графички да ги пренесе на хартија изучуваните примероци од флората и фауната на Охридското Езеро.

Фото: Десетта јубилејна изложба за Вангел Наумовски – МСУ

„Љубовен сон во космичка градина“ е антологиско сликарско дело од Наумовски, создадено во 1964 година. Оваа слика во масло на платно е еден од најпрепознатливите симболи на неговата фантастична, надреалистична визија, каде микро-космосот и макро-космосот се спојуваат во единствена емотивна целина.

„Можна стварност“ од 1969 година се одликува со мистични, космички и визионерски пејзажи кои ја отсликуваат специфичната внатрешна имагинација на авторот.

Фото: Наивна уметност – избор на дела од колекцијата на МСУ

„Весела ливада“ од 1969 година е уште едно значајно делоо на Наумовски. Ова дело го означува преминот на уметникот кон уникатен, надреален стил, инспириран од флората, фауната и Охридското Езеро, отфрлајќи ги конвенциите на класичната наива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот