Фото: Монтажа

Загина д-р Емилија Котеска Аврамчева во Варшава, беше меѓу најзаслужните што Полска прими пациенти од трагедијата во Кочани

Трагична сообраќајна несреќа на експресниот пат С8 во близина на Варшава го одзеде животот на 72-годишната Емилија Котевска Аврамчева, позната во македонската заедница во Полска.

 

„Д-р Емилија беше личност со извонредна енергија: исклучително успешна во својата професија како доктор, извонреден менаџер на нејзината приватна поликлиника во Жирардов со преку 70 вработени доктори, успешен бизнисмен и претприемач, но, истовремено, целосно посветена на ‘македонската кауза’ во Полска (и самата беше ќерка на бегалец од Егејска Македонија).

Таа постојано беше еден од носечките столбови на македонската заедница во Полска, секогаш подготвена да помогне. Само пред десетина дена таа прва донираше средства за Спомен-обележјето кое ќе се подигне во Полице-градот кој беше собирен центар за децата-бегалци во 1949 година. Таа имаше извонредна мрежа на контакти во Полска, на највисоко ниво. Нема да заборавам како, користејќи ги контактите со највисоките функционери во Полска, ја одигра клучната улога за Полска да прифати на лекување двајца пациенти од трагедијата во Кочани“, се наведува во објавата на Македонската амбасада на „Фејсбук“.

На минатогодишниот прием по повод нашиот Национален празник, Котеска Аврамчева го обезбеди присуството на Лешек Милер, премиерот на Полска во чие време земјата влезе во ЕУ.

„Беше подготвена да помогне во секој поглед на Амбасадата. Истото искуство го имаа сите дипломати од претходните состави во Амбасадата. Не пропушташе ниту еден настан организиран од Амбасадата. И покрај нарушеното здравје, се уште имаше големи планови: инвестиции во нашата земја, отворање нова поликлиника во Варшава… Едноставно-беше неуморна, енергична, храбра жена, која и (ретките) неуспеси ја правеа уште поцврста и поупорна. За македонската заедница во Полска ова е ненадоместлива загуба, таа беше еден вид симбол на меѓусебното поврзување на релативно малиот број Македонци во оваа голема земја“, се вели во објавата на Македонската амбасада.

Како се случила трагедијата?

Несреќата се случила во петокот, кога Котевска Аврамчева го запрела автомобилот на лентата за итни случаи на експресниот пат S8 Варшава – Прушков, во близина на клучката Опач – Колонија. Откако 72-годишната жена излегла од возилото, во неа удрил автобус.

Според првичните информации, несреќата се случила околу 15:50 часот на улицата „Нова“, неколку стотини метри по клучката, на коловозот во правец кон Варшава.

На местото веднаш пристигнале три противпожарни екипи од Прушков, екипа на Итната медицинска помош и хеликоптер на Воздушната амбуланта. Портпаролот на Противпожарната служба во Прушков, Михаил Складановски, изјави дека на повредената ѝ била извршена реанимација, по што била стабилизирана и со хеликоптер пренесена во болница.

Полицијата вчера соопшти дека 72-годишната жена им подлегнала на повредите во раните утрински часови.

Надлежните продолжуваат со истрагата за да ги утврдат точните околности на несреќата.

Полицијата ги анализира материјалните докази и ги сослушува сведоците со цел да се утврди одговорноста за трагичниот настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот