Нарачка има, фискална нема, илјадници граѓани остануваат без поврат на ДДВ од онлајн купувањата
Потрошувачите реагираат дека добиваат само електронски потврди и фактури, но не и фискални сметки за скенирање во „Мој ДДВ“. Од УЈП велат дека фискална мора да се издаде кога прометот е предмет на фискализација, додека Асоцијацијата за е-трговија предупредува дека сегашната регулатива не ги следи современите модели на онлајн продажба.
Сѐ поголем број граѓани што секојдневно купуваат храна, производи и услуги преку интернет-платформи и мобилни апликации за достава, се соочуваат со ист проблем – нарачката пристигнува на домашна адреса, плаќањето е извршено, но фискална нема. Наместо неа, купувачите добиваат електронска потврда за нарачката или фактура на електронска пошта, што отвора дилеми околу законските обврски на трговците и правата на потрошувачите.
Незадоволството кај граѓаните е особено изразено поради неможноста да го искористат системот „Мој ДДВ“, преку кој државата враќа дел од платениот данок. Без фискална сметка, трансакцијата не може да се скенира во апликацијата, а корисниците остануваат без право на поврат на ДДВ.
Препорачано
– Нарачувам неколкупати неделно преку апликации за достава и речиси никогаш не добивам фискална сметка. Добивам известување дека нарачката е успешна или на имејл, но документ, односно фискална сметка што може да се скенира во „Мој ДДВ“ нема. Практично сум лишен од правото што го има секој купувач во продавница или во ресторан – вели жител на Скопје.
Слични реакции има и на социјалните мрежи, каде што корисниците прашуваат зошто при купување во продавница или во ресторан задолжително добиваат фискална сметка, додека при нарачка на истиот производ преку апликација остануваат само со електронска потврда за плаќање.
Кога мора да се достави фискална сметка?
Од Управата за јавни приходи појаснуваат дека според Законот за регистрирање на готовински плаќања, даночните обврзници што вршат промет на добра и услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат се должни да користат фискален систем и да издаваат фискална сметка за секој извршен промет.
– Фирмата што врши продажба онлајн е должна да му достави фискална сметка на купувачот кога прометот е предмет на фискализација, особено при плаќање во готово при достава и при плаќање со платежна картичка. Не постои таква обврска кога плаќањето се врши по банкарски пат врз основа на фактура, бидејќи тогаш прометот не се евидентира преку фискален апарат – наведуваат од УЈП.
Оттаму додаваат дека неиздавањето и недоставувањето фискална сметка, претставува повреда на законските обврски утврдени со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, а купувачот има право да добие фискална сметка како доказ за извршеното купување.
Сепак, токму кај онлајн-нарачките најчесто се појавуваат дилемите. Голем дел од платформите за достава функционираат како посредници меѓу трговецот и купувачот. Нарачката се прави преку апликација, плаќањето често се врши електронски, а испораката ја реализира курир или доставувач. Во вакви случаи останува нејасно кој точно треба да ја издаде фискалната сметка и во кој момент таа треба да му биде доставена на купувачот.
Регулативата треба да се приспособи
Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија посочуваат дека кај онлајн купувањата мора да се направи разлика помеѓу безготовинските и готовинските плаќања.
– Кога плаќањето се врши со платежна картичка преку интернет или со банкарски трансфер, во согласност со важечката регулатива не постои обврска за издавање фискална сметка. Во овие случаи доказ за купувањето се фактурата, потврдата за плаќање и другата документација што ја добива купувачот – велат од Асоцијацијата.
Оттаму објаснуваат дека кога производот се плаќа во готово при достава, потрошувачот треба да добие фискална сметка, но предизвикот настанува поради начинот на кој функционираат современите модели на е-трговија.
– Законот предвидува фискалната сметка да се издаде во моментот на наплатата, додека кај плаќањата при достава наплатата најчесто ја врши посредник, поштенски или курирски оператор во име на трговецот, а средствата до трговецот се префрлаат подоцна. Регулативата треба да се приспособува на современите модели на е-трговија и да овозможи едноставна и ефикасна фискализација на прометот – посочуваат од Асоцијацијата за е-трговија.
Според нив, во моментов Асоцијацијата и Управата за јавни приходи работат на изнаоѓање преодно решение за надминување на овој предизвик, а долгорочното решение го гледаат во воведување дигитална фискализација.
– Дигиталната фискализација веќе е стандард во многу земји и овозможува прометот да се евидентира во реално време, а купувачот веднаш да добие дигитална фискална сметка по електронски пат – велат од АЕТМ.
Додека институциите и стопанството бараат решение, граѓаните бараат јасни правила и еднаков третман за сите купувања. Нивното прашање е едноставно, ако за бурек купен на шалтер задолжително добиваат фискална сметка, зошто не ја добиваат кога истиот производ ќе им биде доставен дома по нарачка преку апликација? Сѐ додека нема прецизен и недвосмислен одговор, незадоволството кај корисниците ќе продолжи да расте, а илјадници граѓани ќе остануваат без можност да го искористат правото на поврат на дел од платениот ДДВ.
Објавен Регистар на е-трговци
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото издание на Регистарот на е-трговци, со цел да им овозможи на граѓаните полесно да проверат од кого купуваат пред да извршат онлајн плаќање.
Според податоците на Народната банка, во текот на 2025 година во земјава биле евидентирани вкупно 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една трансакција во текот на годината, согласно методологијата на Народната банка.
Од АЕТМ посочуваат дека Регистарот на е-трговци претставува единствена и сеопфатна база на домашни онлајн продавачи што нудат плаќање со платежни картички. Регистарот се ажурира во соработка со пет банки што процесираат електронски трансакции односно Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИ банка.
Како активни е-продавници, според методологијата на АЕТМ, се сметаат оние што реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на годината и имале активна веб-страница во моментот на проверката.


