ЕУ за првпат ги продолжи санкциите кон Русија на една година
Европската Унија донесе одлука за првпат да ги продолжи економските санкции против Русија за период од 12 месеци, наместо досегашната практика на продолжување на секои шест месеци.
Препорачано
Одлуката ја потврди портпаролката на претседателот на Европскиот совет, која соопшти дека сите 27 земји-членки дале согласност за продолжување на рестриктивните мерки воведени по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Санкциите се насочени кон клучни сегменти на руската економија, вклучувајќи ги приходите од извоз на фосилни горива, финансискиот сектор и воената индустрија. Досега нивното продолжување беше предмет на гласање на секои шест месеци и бараше едногласна поддршка од сите членки на Унијата.
Во меѓувреме, Украина доби нов бран политичка и финансиска поддршка од ЕУ. По заминувањето на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан од функцијата, Европската Унија ги отвори формалните пристапни преговори со Украина и одобри заем во вредност од 90 милијарди евра за Киев.
На состанокот во Брисел, лидерите на сите 27 земји-членки едногласно усвоија и заедничка декларација за поддршка на Украина, што е прв таков консензус по повеќе од една година. Според европските претставници, одлуката претставува јасен сигнал за континуирана поддршка на Украина и за задржување на притисокот врз Москва.


