ФОТО | Во градинката „Пролет 1“ како во магацин – на една страна инвентар, на друга креветчиња за спиење на децата
Објаснувањето на Општина Карпош дека дел од децата во градинката „Пролет 1“ се сместени во холот и на бината, каде и спијат и јадат, затоа што таа просторија е климатизирана, не е точно – тврдат родителите. Тие до „Слободен печат“ испратија фотографии на градинката однадвор каде се гледаат моторите од климите на прозорците.
Препорачано
Воедно како што додаваат, доколку е тоа така, зошто тогаш не се сите деца сместени во холот туку останатите се во занимални. Дали тоа значи дека тие се во неклиматизирани простории, прашуваат тие.
Всушност ова е само оправдување на Општина Карпош за одлуката која ја донела децата од двете градинки да бидат заедно со месеци, иако просторните услови не го дозволуваат тоа. Клими има и во занималните – велат тие.
Како што објавивме вчера, започна уривањето на градинката „Пролет 2“ во Козле, кај жителите позната како „Пролет-Канела“ и децата кои престојуваа во овој објект наместо, како што беше најавено, привремено да се сместат во општинските бараки во ОУ „Лазо Трповски“, тие се префрлени во блиската градинка „Пролет 1“.

Така сега, во објектот предвиден за најмногу 200 деца, кој располага само со шест занимални, со месеци ќе бидат сместени многу поголем број дечиња од расположливиот капацитет. Во недостаток на доволно простор, според раскажувањето на родителите сега дел од дечињата спијат во креветчиња поставени во холот и на бина, додека ходниците се преполни со инвентар донесен од градинката која се урива.
Тие ни испратија и фотографија за тоа дека градинката изгледа како магацин, а не како простор каде со часови, секојдневно, треба да престојуваат деца.
На фотографијата се гледа дека холот е преполн со столчиња и масички донесени од „Пролет – Канела“, а во позадината се гледа бината со наредени креветчиња.
Сепак од Општина Карпош вчера одговорија дека градинката во која се сместени дечињата ги исполнува потребните услови и дека нема зошто да се загрижени родителите. Според нив објектот е од цврста градба, со повеќе санитарни чворови, со повеќе влезови и излези, а градинката има и голем двор.
Оттаму посочија дека иако монтажните бараки во кои во изминатите години функционираше Општината се во добра состојба, тие во координација со градинката, и Министерството за социјална политика, демографија и млади, одлучиле децата да престојуваат во градинката „Пролет 1”, со оглед на фактот дека овој објект може да прифати повеќе дечиња и пред сѐ располага со услови за сите згрижени деца. Покрај тоа, како што посочија децата нема драстично да ја менуваат локацијата.

Во однос на тврдењето на родителите дека децата спијат во холот, оттаму тврдат дека така е секое лето.
Холот на градинката е адаптиран за престој на деца и секоја година оваа просторија се користи во летниот период за иста намена, бидејќи има клима уреди, и има место за истата намена, згрижување на дечиња – велат од Карпош.
Притоа, не посочија зошто тогаш само двете големи групи од матичната градинка се префрлени во холот, а останатите, вклучително и новодојдените се во занимални.
Родителите се загрижени од условите за престој на сите деца и бараат Општина Карпош да ја преиспита оваа одлука и да побара алтернативно сместување на децата од градинката која се урива


