Ако експертите утврдат дека е потребно, Градот е подготвен да го урне мостот „Обединети нации“
Во рамките на проектот за БРТ-превозот се предвидува испитување на мостот „Обединети нации“ и во таа насока, како што објаснуваат од Град Скопје, имаат намера да го вклучат Градежниот факултет, како највисока научна установа од оваа сфера и веќе разговараат со некои од професорите.
Во изминатиов период Град Скопје и други организации ја актуализираат темата за брзиот автобуски превоз БРТ, а со тоа се испитуваат и сите негови компоненти како зеленилото, предвидените ленти, сообраќајниците каде што ќе се имплементира, како и одреден број мостови што треба да се пренаменат и да добијат дополнителна лента за БРТ, меѓу кои се вбројува и проблематичниот мост „Обединети нации“ во Карпош, за кој уште ексградоначалникот Петре Шилегов велеше дека е небезбеден и не може да го издржи ова проширување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Мостот е главната артерија што ги поврзува општините Карпош и Ѓорче Петров, а тој датира уште од шеесеттите години од минатиот век. Оттогаш на оваа сообраќајница немало посериозни санации, освен последно пред три години кога ЈП „Улици и патишта“ информираше дека бил отстранет оштетениот асфалт и бетонските плочи, кои биле заменети со нови.
Шилегов сметаше дека треба да се гради нов мост
Со најавата на проектот за БРТ, Шилегов речиси во секое јавно обраќање се осврнуваше токму на мостот „Обединети нации“ во Карпош, за кој велеше дека е небезбеден и преку него нема да може да се одвива трасата на автобусите, додавајќи дека единствена опција е постојниот мост етапно да се отстрани и да се изгради нов, поголем и со три ленти, кој ќе може да се вклопи во трасата на БРТ кон Ѓорче Петров. што во неговиот план беше најскапата инвестиција поврзана со системот БРТ.
– Многу е важно и тоа што на самата траса најкритичната точка е мостот „Обединети нации“. Нашата одлука и мојата одлука како градоначалник на овој град е да извршиме замена на мостот „Обединети нации“ што значи ќе треба тој мост фаза по фаза да се отстрани и да се изгради нов со три ленти, како би можело коридорот на „Бас рапид транзит“ да влезе во полн капацитет до Ѓорче Петров, рече тој.
Сепак, Шилегов истакна дека проектот за изградба на нов мост е многу сериозен и скап, но освен финансиски, тој тогаш изјави дека мора да се земе предвид дека овој мост е важен бидејќи под него проаѓа цевка за водоснабдување на Скопје, како и многу водови од топлификација.
Проектот долги години беше запрен и блокиран, по што во изминативе неколку месеци повторно активно започнаа планирањата, јавните обраќања и ангажирањето на експерти од страна на Градот во однос на овој проект.
Сега, градската администрација постојано истакнува дека проектот БРТ нема да биде според планот на Шилегов и дека нема да се градат средишни ленти во должина на булеварите по цена на средишното зеленило.
– Во насока на БРТ сегашните размислувања се средишното зеленило да биде задржано, БРТ-автобусите да се движат по крајната лева лента, па повторно да има зелен коридор и да останат две ленти за другите учесници во сообраќајот. Во моментов, според процедурите што се надгледувани од ЕБОР сме во фаза на обезбедување меѓународни и домашни експерти, кои ќе предложат идејни решенија за реализација на БРТ-превозот и тие ќе бидат презентирани на јавноста на најтранспарентен начин – велат од Градот.
Градот има во план, но сè уште не побарал помош од Градежен
Во изминативе денови во одредени медиуми се начна и темата за започнување проверки на мостот „Обединети нации“, за што, како што пренесуваа, Градот ангажирал експерти од Градежниот факултет, кои ќе треба да утврдат дали мостот е безбеден за низ него да поминуваат лентите за БРТ.

Сепак, во разговор со деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски, тој за „Слободен печат“ изјави дека факултетот нема добиено барање од таков тип поради што нема информација дека ќе започнат проверки на мостот.
– Јас немам многу информации за тоа, не знам зошто тоа е така, искрено. И мене ме изненади веста, но немам информации, не е пристигнато никакво писмо до нас. Може да имало иницијатива и договарање околу тоа, но официјално уште ништо немаме добиено од Градот – одговори деканот.
Мостот „Обединети нации“ станува проблем во реализацијата на БРТ
Од Град Скопје на прашањето дали веќе побарале стручна помош од Градежен факултет за мостот „Обединети нации“, одговорија дека во проектот се предвидува испитување, но дека тие уште тоа не го побарале од Факултетот, туку дека се во фаза на разговори со поединечни професори.
– Во рамките на проектот за БРТ-превозот се предвидува испитување на посочениот мост и во таа насока во консултација со ЕБОР и со другите странски експерти имаме намера да го вклучиме Градежен факултет, како највисока научна установа од оваа сфера и сме во разговори со дел од професорите – одговорија од Градот за „Слободен печат“.
Ако Градежен пресече, можно е повторно во игра да влезе изградба на нов мост
Запрашани дали доколку стручните лица од Градежниот факултет утврдат дека мостот не е доволно безбеден за да ги исполни проекциите за низ него да минува лентата за БРТ и останатиот сообраќај, како алтернатива за да остане трасата до Ѓорче Петров повторно во игра ќе влезе предлогот за отстранување на постојниот и изградба на нов мост, од Градот одговорија дека се подготвени да ги преземат сите неопходни чекори.
– Според резултатите, Град Скопје ќе ги преземе сите неопходни чекори, доколку е потребно – брифираат од Градот.
Средишното зеленило на булеварите ќе се замени со лента за БРТ
Се проверуваат сите мостови низ Скопје
Оттаму додадоа дека надлежни лица веќе се на терен и ги проверуваат состојбите и безбедноста на мостовите низ Скопје.
– Надлежни од Град Скопје постојано се на терен и веќе се врши проверка на состојбата на мостови во Скопје, од лиценцирана геодетска компанија за оваа намена, којашто испитува оскултација. Проверка веќе е извршена на мостовите „Гоце Делчев“ и „Беласица“. По добивањето на резултатите, Градот ќе ги преземе потребните мерки, доколку има потреба – велат од Град Скопје.
Од Градот потсетија дека оваа недела започна и реконструкцијата на надвозникот „Естекада“ во Автокоманда, кој е од особена важност за жителите на населбата, но и за илјадниците граѓани што секојдневно транзитираат преку него.
ФОТО | Конечно се обновува оштетениот мост „Естекада“ во Автокоманда
Мостот има специфична градба и е уникатен, но во изминатата деценија беше тотално заборавен, асфалтот е значително оштетен со дупки и испакнатини од тешките товарни возила, а од многубројните сообраќајни несреќи, оштетени се и заштитните огради.
Од Град Скопје објаснуваат дека на терен ќе се направи корекција и санација на металните огради, санација на оштетените бетонски делови, како и корекција на преодните плочи на местата каде што е евидентирано нивно пропаѓање.



