Брисел чека реформи, а Скопје и Софија сè уште расправаат за средниот век
По гласањето на Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија изготвен од известувачот Томас Вајц, позицијата е јасна, Преговарачката рамка е чиста, исто како што се преговарачките рамки за сите други земји. Во рамките на „францускиот предлог“ има протоколи што треба да се почитуваат, историската комисија треба да се охрабри да работи. Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, вчера изјави дека таа не е услов за преговори и не може да биде предмет на блокада на европскиот пат на Македонија.
Препорачано
Европратениците завчера го отфрлија амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше да се избрише ставот 73 од идната резолуција, кој ја повикува Заедничката историска комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, со тоа што ќе ја темели својата работа на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, во согласност со Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија. Текстот го содржи и концептот на „заедничка историја“.
– Имаме чиста рамка, малцинските права треба да се почитуваат и затоа е неопходно Бугарите, заедно со Хрватите и други малцинства, да влезат во Уставот. И историската комисија треба да работи, многу земји имале такви заеднички историски комисии. Комисијата не е основа за нова или за каква било блокада во процесот на интеграција – изјави Филипче.
Што се однесува до историската комисија, таа последен пат се состана на почетокот на јуни, а работата веќе неколку години е заглавена на единаесеттиот век, односно учебникот по историја за седмо одделение во Македонија и за шесто во Бугарија. Следната средба на мешовитата комисија ќе се одржи во септември во Софија.
Ангел Димитров, копретседател на комисијата од бугарска страна, во изјава за бугарските медиуми, по гласањето на извештајот за Македонија во ЕП, рече дека комисијата се состанува редовно, но „работи во застој“.
– Сè уште ги разгледуваме учебниците за седмо одделение во Република Северна Македонија. И сè уште сме во 11 век. Дневниот ред на нашите состаноци не е променет три години. Она што нè спречува е апсолутната неподготвеност на нашите колеги прво да ја прифатат дефиницијата за заедничка историја, и оттаму доаѓа конкретната кочница. Ова е нивната неподготвеност да прифатат дека Охридската архиепископија е институција чие создавање од страна на царот, византискиот цар Василиј II, е политички обид да се зачува стабилноста во империјата, односно да се дадат сите можни права на населението кое религиозно било потчинето на Бугарската патријаршија во Првото бугарско кралство пред падот на оваа држава. Од ова се плашат нашите колеги, бидејќи за нив ова, како што разбирате, е и современ политички проблем. Нивната црква во моментов се претставува како директен наследник на Охридската архиепископија, па дури и го додава ова име на сопственото официјално име – изјави Димитров.
Поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, лани во јули поднесе иницијатива до Уставен суд за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија, но судот сè уште не се изјаснил по неа. Според неа, Протоколот е правно ништовен бидејќи не е ратификуван во Собранието, ниту пак е објавен во „Службен весник“.
Уставниот суд оформи предмет, но нема закажано јавна расправа, вели Поповска во изјава за „Слободен печат“. Според неа, доколку Уставниот суд го прогласи Протоколот за неуставен, тогаш тој ќе биде прогласен за неважечки и нема да може да се бара од нас како држава да го спроведеме.
– Доколку Протоколот биде прогласен за неважечки, за тоа ќе мора да биде известена бугарската страна, дека има промена на правната ситуација, со што ќе се создаде можност да разговараме за Преговарачката рамка без овој протокол. Не е точно дека само уставните измени се услов за почеток на преговорите со ЕУ. Постои цел друг пакет мерки за отворање на преговорите што се содржани во Вториот протокол – да смениме учебници, програми и со тоа да ги исполниме сите желби на Бугарија, што е невозможна мисија – вели Поповска.
Од Уставниот суд до објавување на текстот, не ни одговорија до каде е постапката за оценување на уставноста на Вториот протокол.
За потсетување, Европскиот парламент денеска ги усвои годишните извештаи за напредокот на пет земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Во извештајот се нагласува дека Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски поврзани со уставните измени, при што се потсетува на ставот на Советот на Европската Унија дека следната меѓувладина конференција ќе може да се одржи по спроведувањето на потребните уставни промени.
Осумдневен притвор за скопјанецот што ги запали бугарските дипломатски возила


