ВИДЕО | Министерството за образование ќе ги обучува психолозите, педагозите и социјалните работници како да спречуваат насилство во училиштата
Министерството за образование и наука денеска промовираше проект кој треба да создаде системско решение за превенција на семејно насилство врз деца преку образовните установи, како и да се спречи натамошна трансформација во врсничко насилство во училишните клупи.
Препорачано
Како што објасни министерката Весна Јаневска, проектот обединува повеќе институции, граѓански организации и училишта, а превидено е да трае една година.
„Децата не стануваат агресивни во училиште, туку најчесто доаѓаат со такви модели на однесување од дома. Затоа ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при случаи на семејно насилство врз деца или нивно занемарување“, рече Јаневска.
Како што најави министерката, следната недела започнуваат обуки за сите училишни психолози, педагози и социјални работници во основното образование. Целта, како што кажа, е да се јакнат компетенциите за препознавање деца жртви на семејно насилство и да се преземат мерки за да се спречи негово ширење.
„Ќе организираме и дискусии со наставниците и семејствата на учениците за подигнување на свеста за овој проблем и за зајакнување на меѓусебната доверба и соработка, вклучително и соработката со институциите. Во дискусиите очекувам да се вклучат и учениците. Ќе ги повикаме заради јакнење на информираноста, поттикнување глас – за насилството да не се молчи. Од споделените искуства и практики, и од сугестиите што ќе ги добиеме за време на обуките и панел дискусиите, ќе изработиме и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство, со алатки за проценка на ризик“, кажа Jаневска, дополнувајќи дека целта е да се изгради „мирна и хармонична училишна, но и општествена средина“.
Во проектот ќе се вклучат Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за внатрешни работи, како и раководството и членовите на Комората на психолози.
Како мерки против насилството, Министерството за образование и наука уште пред околу еден месец најави дека ако родителите не ги воспитаат своите насилни деца, тогаш ќе се удри по нивниот џеб со 250 евра. Од една страна, јавноста бара резултати против крвавите сцени од училиштата, но од друга, луѓето што ги анкетираше „Слободен печат“ немаат многу надеж дека казните ќе го спречат кругот на насилството.
Граѓаните не се убедени дека казните од 250 евра ќе го намалат насилството во училиштата


