Одделение за управни работи во МВР / Фото „Слободен печат“ Методи Здравев
Одделение за управни работи во МВР / Фото „Слободен печат“ Методи Здравев

Власта сака законски да спречи „трансакциска злоупотреба“ на македонското државјанство од богати странски инвеститори

Слушај ја веста

Министерството за внатрешни работи со измени на Законот за државјанство забранува добивањето македонско државјанство за странец да биде „трансакција“ за неговата богата инвестиција во државава. Предложените измени се објавени на ЕНЕР. Како што за „Слободен печат“ објаснија од Министерството, ова не значи дека се укинува критериумот поврзан со инвестирањето во земјава, туку само се елиминира можноста за негова „трансакциона“ злоупотреба.

Ова доаѓа откако мноштво интересни лица си осигураа македонски златен пасош и државјанство, само затоа што имаат пари.

Некои од нив, со македонскиот пасош в џеб беа апсени во странство. Таков е случајот со Иранецот Риза Сараф, кого ФБИ во 2016 го уапси во Мајами додека патувал со семејството кон Дизниленд. Утврдено беше дека добил македонски пасош за инвестиција, а потоа му беше судено за перење пари во САД.

Меѓу контроверзните личности кои се носители на македонско државјанство поради економски интерес се синот и сопругата на индискиот бизнисмен Субрата Рој кој во 2014 година од страна на тогашниот премиер Никола Груевски беше промовиран како иден голем инвеститор во земјава кој освен што има низа економски проекти врзани за Скопје и Охрид, вети дека во главниот град ќе изгради и споменик на Мајка Тереза. Кратко по авантурата на Субрата Рој во Скопје, тој беше уапсен и осуден од индиските власти за низа злоупотреби во неговата земја.

Ако поминат измените на Законот за државјанство што ги предлага МВР, тогаш ќе престане да важи Уредбата со која се утврдуваат критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство на Македонија.

Токму оваа уредба дозволува условно кажано  „продажба“ на македонското државјанство за пари – во членот 3 пишува дека ако странецот инвестирал капитал од 400 илјади евра како директна инвестиција со нови капацитети, или ако инвестирал 200 илјади евра во приватен инвестициски фонд, а притоа поднел и барање за стекнување државјанство на Македонија, тогаш Македонија од него има „особен економски интерес“.

Ако поминат измените, Македонија ќе излезе од друштвото на Камбоџа, Јордан, Египет, Турција, Вануату, Света Луција, Гренада, Доминика, Барбуда и Федерацијата Свети Кристофер и Невис, кои исто така имаат програми за државјанство преку инвестиција.

Од МВР за „Слободен печат“ велат дека при предлагањето на законските измени, се воделе од Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија според кој доделувањето на државјанство на странец од економски интерес може да претставува миграциски и безбедносен ризик, особено со оглед на различните критериуми за доделување државјанство.

Комисијата останува на ставот, како што е изразено во Шестиот извештај во рамките на механизмот за суспензија на визната либерализација, дека Македонија треба да се воздржува од систематско доделување државјанство врз основа на посебен економски интерес, а предетерминирано од точно одреден минимум праг на инвестиција, бидејќи таквите шеми за државјанство на инвеститори претставуваат сериозни ризици и се некомпатибилни со правото на Европската Унија.

-Примарен мотив за понудените измени, имаат за цел содржинско допрецизирање на одредби од Законот за државјанството со што ќе се овозможи нивна соодветна практична имплементација. Имено, Согласно извештајот и препораките од Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија според кој доделувањето на државјанство на странец од економски интерес може да претставува миграциски и безбедносен ризик, особено со оглед на различните критериуми за доделување државјанство, интенција е преку точна нормативна регулација да се елиминираат сите такви потенцијални ризици, a законските одредби во тој смисол да бидат во целост компатибилни со правото на Европската Унија, објаснуваат од МВР за „Слободен печат“.

Дополнително, се пристапува кон измените и водејќи се и од пресудата на Европскиот суд на правдата во спор помеѓу Европската Комисија и Малта, од 29 април 2025 година, согласно која се утврдува дека со воспоставување и функционирање на институционализирана шема за инвестиција во Малта, се воспоставува на некој начин „трансакциона” процедура кон природување врз основа предетерминирани плаќања или инвестиции, и на ваков начин Малта ги прекршила своите обврски.

За таа цел, овие измени се во насока на укинување на предетерминираните инвестиции во државата со која de jure се утврдува точно одредена цена за стекнување државјанство по пат на природување од особен економски интерес за државата, пишува во измените на Законот за државјанство објавени на ЕНЕР.

Со предложените измени на Законот за државјанство се прави и уште една измена – се намалува временскиот период за повторен прием во државјанството на Македонија, за лице кое било одбиено или му престанало државјанството со отпуст или со меѓународен договор. Сега, таквото лице ќе може кога ќе поминат најмалку 3 месеци да поднесе барање за повторен прием во државјанството на Македонија наместо да чека 3 години. Целта на скратувањето на рокот за реапликација, според МВР е да се обноват врските со иселениците, да се поттикне  враќањето на стручни кадри и инвеститори.

Затоа скратувањето на периодот за пристап до повторно државјанство е силен поттик за иселениците да размислуваат за враќање или поактивно учество во општествено-економскиот живот на земјата, се наведува во предлогот објавен на ЕНЕР.

Од 2013 до 2017 година 91 лице стекнале македонско државјанство во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството на Република Македонија и уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Македонија.

Му се смени ли името на Онишченко низ процедурите за македонски пасош?

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот