Меџити, Касами, Мицкоски Фото: Влада

Вреди ќе „настапи“ пред Мицкоски со три сценарија за реконструкција на Владата

Според информации на „Слободен печат“, на првите состаноци на премиерот со владините партнери ќе се утврдат принципите на реконструкцијата на Владата, а потоа ќе следат средби за конкретизизирање на кадровските промени

Премиерот Христијан Мицкоски, в петок, на средба со владините партнери од Вреди, копретседателите Изет Меџити и Билал Касами, ги почнува разговорите за реконструкција на Владата. Еден ден потоа, Мицкоски ќе се сретне и со лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски. Според информации на „Слободен печат“, на првите состаноци на премиерот со владините партнери ќе се утврдат принципите на реконструкцијата на Владата, а потоа ќе следат средби за конкретизизирање на кадровските промени.
Мицкоски веќе изјави дека по роденденот на ВМРО-ДПМНЕ ќе почнат разговорите за освежување на владиниот кабинет и дека битна му е суштината, а не обемот на реконструкцијата.

– В петок и в сабота веќе се закажани средбите со коалициските партнери Вреди и ЗНАМ – изјави Мицкоски.

Како што веќе објавивме, на прославата на 36 роденден на партијатавечерва, очекувањата се дека Мицкоски во роденденска честитка ќе ги навести ресорите во кои се очекува промена на министри, односно од кои министерства „очекувал поголема ангажираност во досегашниот двегодишен мандат во Владата“.
Од Вреди брифираат дека на средбата в петок очекуваат да разговараат за принципите на реконструкцијата и да ги слушнат позициите, но и визијата на премиерот за рекомпонирање на владиниот кабинет. Според ова, на средбата се очекува да се утврди дали ќе има мала или поголема рекоснтрукција, односно во кој обем ќе има промени кај министрите, замениците министри и кај директорите во јавиот сектор. Дали клучно при реконструкцијата ќе биде само смена на некои министри или примат ќе се даде на размената на ресори меѓу владините партнери. Од Вреди повторија дека кај нив е сигурна смената на министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, и пополнување на вицепремиерското место за добро владеење со нивни кандидат, по оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи. Оттаму брифираат дека се отворени и за ротација на ресори со владиниот партнер. Копретседателите спремни ќе одат на средбата со Мицкоски и дознаваме дека веќе имаат три сценарија за реконструкцијата.

Наспроти Вреди, од ЗНАМ при претстојната реконструлција ништо не би менувале во нивниот дел од владиниот колач. Нивната евалуација и анализа на работата на двајцата министри од ЗНАМ – Горан Минчев во ресорот администрација и Игор Филков – за правда, покажала дека тие добро си ја вршеле работата. Димитриевски на средбата в сабота ќе му каже на Мицкоски и дека не се за рокада на ресорите.

Паралелно со најавената реконструкција партиите и од власта и од опозицијата се растрчаа на терен. Дали ова навестува можни предвремени парламентарни избори, ќе пресече власта која, како што вели Мицкоски, сака мандатот да го истурка докрај, но сепак остава простор за изборно соочување ако биде предизвикана од опозицијата. Прашан дали Вреди и на следните избори ќе биде префериран партнер како во 2024 година, Мицкоски вели дека не сме пред избори, туку во втората половина од мандатот.

– Имаме исклучително коректна и пријателска соработка со нашиот партнер Вреди и очекувам така и во таа насока да продолжиме. Знаете дека по реализирањето на нашата соработка по изборите во 2024 година, следеа локалните избори и тие беа убедливи победници во 10 општини, условно кажано во албанскиот дел во Македонија, така што не гледам пречка зошто нашата соработка да не продолжи – изјави Мицкоски.

Наспроти ставот на премиерот, лидерот на ДУИ Али Ахмети деновиве, на средби со партиските структури, останува на ставот дека влада треба да формираат победниците од македонскиот и од албанскиот политички блок. Според Ахмети, иако се зборува за можни предвремени парламентарни избори следната пролет, партијата треба да се подготвува дека избори се можни наесен.

Мицкоски ќе им го „честита“ партискиот роденден на министрите што ќе „летаат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот