Фото: CEphoto, Uwe Aranas / CC BY-SA 3.0

Македонија има само 13 инспектори за животна средина – дали државата треба да ги преземе уздите од општините?

Претседателот на „Флорозон“, Кирил Ристовски, оценува дека градоначалникот има пресудно влијание врз изборот на инспекторите, но и врз тоа што и како ќе работат тие. Според него, Законот за инспекциски надзор во животната средина им дава премногу широки овластувања на градоначалниците, поради што инспекторите за животна средина практично стануваат инструмент на локалната политика.

Македонија има хроничен недостиг на државни инспектори за животна средина – само 13 луѓе во цела земја. Струмица, Прилеп, Битола, Куманово воопшто немаат инспектор за животна средина, а во Охрид, иако е подрачје под заштита на УНЕСКО, постои само еден.

Државниот инспекторат за животна средина, како клучна институција што треба да ги следи главните загадувачи, кубури со пола од потребните еколошки инспектори, а тие што ги има се пред пензија или веќе одработиле за цел живот. И, ова се случува додека Македонија е меѓу најкритичните еколошки точки во Европа и со горлив проблем со фосилни горива, индустрија, рудници, сообраќај и со депонии.

Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина за „Слободен печат“ вели дека четворица негови колеги во 2024 и 2025 година отишле во пензија додека на крај на годинава, во декември, завршува кариерата и на инспектор од Тетово.

— Во меѓувреме добивме помладок, но тие се договорци на една година. Практично, не можат да полагаат ниту за административен службеник, а камоли да дојдат до модулите што ги пропишува Законот за инспекциски надзор, за да може да полагаат за инспектор – теоретскиот и практичниот дел — вели Блинков.

Тој објаснува дека во Инспекторатот се вработени вкупно 24 луѓе плус директорката, од кои само 18 се инспектори. Тринаесет од нив се за животна средина, три за природа и двајца се водоспопански, иако само за Скопје требаат барем десетмина.

— По актот за систематизација (Правилник), од 50 работни места, само 24 се пополнети и имаме недостиг од 26 луѓе. Тоа е 50 отсто. Годинава, институцијата располага со околу 35 милиони денари, или два милиони помалку од лани, од кои 83 отсто одат за плати, а другите се за бензин, потрошен материјал и слично. За жал, малку се. Ако го земеме примерот на словенечкиот инспекторат, тој има дупло вработени (50), а годишниот буџет му е 7,5 милиони евра — посочува Блинков.

Генерална криза со инспекцискиот систем

Според генералниот инспектор за животна средина, ситуацијата на општинско ниво е исто така „во незавидна ситуација“.

Станува збор за инспектори што се грижат за помалите капацитети со Б-интегрирани дозволи, но и за разни локални еколошки проблеми.

— Иако имаат законска обврска да назначат инспектори, тоа го имаат направено само околу 50 отсто од општините. Генерално, инспекцискиот систем е во криза. Дополнително, од 1 јануари 2026 сите државни инспекторати се вратија повторно во министерствата. Ние цело време сме органи во состав на министерствата, меѓутоа го изгубивме буџетот од прва линија и правниот субјективитет (н.з. наместо директорката да одговара за буџетот и вработувањата, сега одговара министерот). Со тоа, голем број инспекторати се соочуваат со административни и со финансиски предизвици, како и со недостиг од човечки ресурси — забележува тој.

Гиновска: Отпадот е најголем еколошки проблем, а половина општини немаат инспектор за животна средина

На прашањето „што е решението“, Блинков посочува дека на повисоко владино ниво веќе имале „позитивни разговори и согласност за реформи“.

— Проектот ни завршува некаде во ноември, па ќе предложиме да нема инспектори на локално ниво. Тоа значи, Државниот инспекторат да превземе 20-30 од општините и да се воспостави единствен систем на инспекција, како што беше пред 20-ина години. Ќе направиме интерна реорганизација – кој за што ќе биде по области. Да има покриеност и да нема „дупки“ по надлежности. Меѓутоа, тоа е процес, треба да се сменaт законите за животна средина, за инспекција во животната средина, за локална самоуправа и законот за Град Скопје. Треба политичка волја за промени — вели Генералниот инспектор за животна средина.

Инспекторски модел без страв и пристрасност?

Кирил Ристовски е дел од „Флорозон“, организација која заедно со останати еколошки здруженија, иницијативи и активисти, исто така, даде предлог локалните инспектори целосно да се изземат од надлежноста на општините, односно да влезат во составот на државните инспекторати.

Со тоа, надлежноста за сите влијанија врз почвата, водата, воздухот или отпадот би паднала на државните инспекторати.

Македонија повторно меѓу најзагадените критични точки на стариот континент

Практично, инспекторскиот систем би бил планиран по региони. Така, вели тој, ќе се распределуваат ресурси, а и ќе се негува модел без пристрасност.

— Во помалите средини многу е тешко да се биде инспектор бидејќи секој со секој се знае. Тие врски се многу блиски. Но, на пример, друго е ако од Пробиштип дојде некој инспектор во Крива Паланка. Ќе биде многу пообјективен, непристрасен и целисходен во работата — посочува претседателот на „Флорозон“, кој над 20 години истражува во полето на заштитата и мониторингот на животната средина.

Сега, со моменталната поставеност, вели тој, локалните инспектори се исплашени да постапуваат самостојно и не се осмелуваат да излегуваат на терен.

— Градоначалникот ја има главната улога за тоа кој ќе биде инспектор, што и како ќе работи. Законот за инспекциски надзор во животната средина му дава целосни надлежности на градоначалникот. Тоа е апсурд! Практично, инспектори за животната средина стануваат продолжена рака на локалната политика — посочува Ристовски.

Отворена врата и за реванш на министер врз инспектор

Ако гледаме на национално ниво, забележува Ристовски, недостасува инспекцискиот совет, кој оваа Влада го укина. Советот беше „чадор“ на повеќе инспекторати, а по препорака на ЕУ предвидуваше едукативна програма за инспекцискиит надзор.

— Со укинувањето на инспекцискиот совет, ние го враќаме системот од првите 15-20 години од осамостојувањето. А, идејата и на ЕУ, и на еколошките организации, е да исчезнува влијанието на извршната власт врз инспекциските постапки. Затоа што сега, согласно закон, министерот може да формира комисија која ќе ја преиспитува работата на инспектор за животна средина. Значи, доколку министерот сака политички ревашн кон одреден инспектор, тоа може да го направи на легален и едноставен начин — забележува тој.

На прашањето зошто државата кубури со инспектори, тој вели дека „многу работи се во прашање“. Од „тенки“ плати, мал простор за напредок, па сѐ до помислата дека некој треба да влегува во ризични ситуации, во услови кога владеат спреги и „нема кој да ти држи грб“.

— Како ќе се мотивира инспектор да влезе во рудник или тешка метална индустрија? Друг фактор е што немаме доволно стручни кадри, кои би се нафатиле на инспекторката улога — нагласува Ристовски.

„Природата не е на распродажба“ – еколозите алармираат за предложените закони за минерални суровини и за концесии

Кој е излезот од ситуацијава?

Претседателот на „Флорозон“ единствен спас гледа во тоа државата да си воспостави континуиран мониторинг систем, да не се потпира на загадувачите и на мониторингот што сами го вршат. Пример, државата нема акредитирано лабораторија за следење квалитет на воздух и нема таков обучен кадар, туку тоа го прават комерцијални акредитирани лаборатории.

Државната лабораторија сѐ уште не е акредитирана за воздух, недостасуваат уште двајца вработени

Ристовски бара поголем ефект и на казнените одредби. Прашува колку од инспекторските надзори завршиле со кривични пријави?

— Најчесто завршуваат со спогодба и загадувачот ќе плати 50 отсто од казната. Пример, ќе плати 50.000 евра, тоа му е поевтино и полесно отколку да инвестира во нова опрема и стандарди. Поевтино е да плати за инцидент! Мора да градиме и интегриран систем кој би ги дообразувал постојните кадри, за да вршат инспекциски надзор. Треба познавање на кривично, прекршочно, управно право итн. Не е само техничкиот дел – во смисла управување со опрема или на контрола на фабрики, разни капацитети или рудници. Притоа, треба да се формираат специјализирани еколошки одделенија во судовите и обвинителството, за на крај да можеме да зборуваме и за еколошка правда — констатира Ристовски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот