Европскиот парламент изгласа нови правила за враќање мигранти кои нелегално престојуваат во ЕУ
Европскиот парламент ги изгласа новите политики на ЕУ за враќање на мигранти кои нелегално престојуваат во Европската унија. Со новите правила се одобруваат плановите за контроверзни центри за депортација за одбиени баратели на азил надвор од ЕУ, заедно со построги правила за азил, пренесува ДПА.
Препорачано
На гласањето денеска 418 пратеници гласаа за реформата, 218 гласаа против, а 30 се воздржаа.
„Новите правила имаат за цел да ги поедностават и забрзаат процедурите, со целосно почитување на основните права и меѓународното право, вклучувајќи го принципот на невраќање и забраната за колективно протерување, а воедно да спречат злоупотреби и неовластени движења во рамките на ЕУ. Неформалниот договор постигнат на 1 јуни со Советот беше одобрен на пленарната седница со 418 гласови „за“, 218 „против“ и 30 „воздржани““, објави денеска Европскиот парламент.
Според тоа законодавство, одлуката за враќање издадена од надлежните национални органи на државјанин на земја надвор од ЕУ со нелегален престој во земја-членка ќе доаѓа со обврска веднаш или во одреден период да ја напушти таа земја-членка.
Земјите-членки исто така ќе можат да бараат редовно пријавување
Граѓаните на земјите надвор од ЕУ за кои се однесува одлуката за враќање ќе мора да соработуваат со надлежните органи. Во подготовка за нивното враќање, и врз основа на индивидуална проценка, тие можат да бидат притворени ако, на пример, не соработуваат, ако постои ризик од бегство или ако претставуваат безбедносен ризик.
Одлуката за притвор ќе мора да ја донесе административен или судски орган и може да трае до 24 месеци. Продолжување до вкупно шест месеци ќе биде можно ако околностите се променат, се појават нови информации или се подобри соработката со трета земја.
Доколку државјанин на трета земја се пресели во друга земја-членка на ЕУ, може да се примени нов период на притвор. Земјите-членки исто така ќе можат да бараат редовно пријавување или да наметнат обврска за престој на одредено место, а може да се наведат и алтернативи на притворот, како што се финансиски гаранции или електронско следење.
„Европа конечно има ефикасни мерки“
Националните власти можат да спроведат посебни истражни дејствија со цел да подготват или обезбедат ефикасно враќање. Ова може да вклучува претреси на државјани на трети земји, станбени згради или други релевантни простории, со судско или административно овластување, како и привремена конфискација на лични предмети и електронски уреди.
Мигрантите со одлука за враќање, освен малолетници без придружба, ќе можат да бидат преместени во центри за враќање на територијата на земја која се согласува да ги прими, врз основа на договор склучен од земја-членка на ЕУ. Вакви договори можат да се склучуваат само со трети земји кои ги почитуваат човековите права, меѓународното право и принципот на невраќање.
Известувачот Малик Азмани (Ренев, Холандија) рече дека „граѓаните со право очекуваат оние кои немаат право на престој да се вратат во своите земји на потекло“.
„Затоа мојот приоритет е јасен: да обезбедам ефикасни, реални мерки за враќање. И по речиси дваесет години стагнација, Европа конечно ги има. Регулативата за враќање е последното парче од сложувалката на европскиот миграциски систем и сум исклучително горд што сега е комплетна“, рече Азмани по повод усвојувањето на новите мерки.
Скандираа левицата и десницата
Новите правила предизвикаа тензии меѓу претставниците, па десниот дел од салата реагираше на гласањето скандирајќи „Пратете ги дома“, додека пак од левата страна се слушаше: „Срам да ви е“.
По одобрувањето од страна на Парламентот, Советот мора формално да го усвои текстот и да го објави во Службен весник пред да стапи во сила.
Некои одредби, вклучувајќи ги и оние за центрите за враќање, проценката на возраста на малолетниците и надворешната димензија на враќањето, ќе се применуваат веднаш. Другите одредби што бараат подготвителни чекори ќе почнат да се применуваат 12 месеци по влегувањето на законот во сила.
Шведска усвои закон за мигранти — кој не се однесува „правилно“, ќе биде протеран


