ВИДЕО | Авион се урна на автопат во Тексас, има загинати и повредени
Мал млазен авион со шест патници синоќа се урна на автопат во градот Ларедо во Тексас, при што едно лице загина, а најмалку петмина други се повредени, соопштија властите, пренесува Си-ен-ен.
Препорачано
При падот, авионот удрил во автомобил на автопатот, но не е познато дали некој од возилото е повреден.
Снимките споделени од очевидци покажуваат како службите за итни случаи и минувачи им помагаат на патниците да излезат од запалениот авион откако се урна, со што сообраќајот беше блокиран во двата правци. Петмина полицајци кои учествувале во интервенцијата исто така се префрлени во локална болница поради повреди здобиени за време на спасувачката операција, изјавил за Си-ен-ен портпаролот на полицијата во Ларедо, Хозе Еспиноза. Тој не ги објави идентитетите на лицата во авионот, ниту детали за состојбата на повредените, кои се однесени во локална болница.
„За жал и трагично, имаме еден смртен случај во оваа несреќа“, соопштија од полицијата.
Властите пристигнале на местото на несреќата непосредно пред 22:00 часот по локално време откако добиле повик од контролната кула на локалниот аеродром.
„Екипажот претходно пријавил механички проблеми“, изјави портпаролот на полицијата во Ларедо, Хозе Баеза.
Авионот полетал од Сан Хозе дел Кабо, Мексико околу 18:18 часот по локално време и требало да слета во Остин, Тексас. Сепак, бил пренасочен кон Ларедо, град на границата меѓу САД и Мексико, според податоците од услугата ФлајтРадар24.
Според информациите, авионот го изгубил контактот со контролата на летот пред да се сруши на автопатот, при што удрил во возило што се движело по патот.
Податоците од ФлајтРадар24 покажуваат дека авионот постојано и контролирано се приближувал кон Меѓународниот аеродром Ларедо сè додека сигналот не исчезнал на надморска височина од околу 180 метри (600 стапки), приближно четири километри од пистата, околу 21:58 часот по локално време.
Директорот на Меѓународниот аеродром Ларедо, Гилберто Санчез, изјавил дека авионот претрпел механички дефект пред падот.
Федералните агенции, вклучувајќи го Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB) и Федералната администрација за воздухопловство (FAA), се известени, а агентите на Федералното истражно биро (FBI) веќе се на местото на настанот, рече Баеза.


