Фото: Принтскрин

На Палестинците не им останаа повеќе од 30 проценти од Газа, вели египетскиот претседател

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси го повика Израел да се откаже од својот план за преземање контрола врз 70 проценти од Појасот Газа, додека присуствуваше на самитот на Г7 во Франција, објави „Тајмс оф Израел“.

„На палестинскиот народ де факто му остануваат не повеќе од 30 проценти од Појасот Газа“, рече Сиси за време на сесијата за стабилноста на Блискиот Исток во Евиан, според соопштението од кабинетот на египетскиот претседател.

Овој пристап мора веднаш да се запре, додаде тој на состанокот на кој присуствуваа лидерите на Г7, Европската унија, Обединетите Арапски Емирати и Катар.

Египетскиот претседател изјави дека нема алтернатива на решението со две држави во постигнувањето праведно и трајно решение за палестинското прашање, повикувајќи во исто време на „спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Појасот Газа“.

Според договорот, Израел треба да остане под контрола на нешто повеќе од 50 отсто од Појасот, но Нетанјаху рече дека војниците денес држат околу 60 проценти од енклавата и се движат кон 70 отсто.

Во мај, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на армијата да преземе контрола врз голем дел од Појасот Газа, кршејќи ги условите на кревкото примирје што стапи на сила во јануари.

Египет, кој дели граница со Газа, посредува меѓу Израел и Хамас од нападот на палестинското движење врз Израел на 7 октомври 2023 година, со што започна војната. Првата фаза од прекинот на огнот резултираше со ослободување на последните заложници заробени за време на нападот на 7 октомври, во замена за палестински затвореници што ги држеше Израел.

Преминот кон втората фаза, кој требаше да вклучува разоружување на Хамас и постепено повлекување на израелската армија, е во застој неколку месеци.

Во израелски напад денеска загинаа најмалку двајца Палестинци во централниот дел на Појасот Газа, соопштија здравствените власти, додека жителите на северната област на енклавата ги напуштија своите домови, објави Ројтерс.

Лекарите изјавија дека двајца браќа, Ахмед и Махмуд Абу Хен, се убиени во израелски напад во близина на станбена зграда во бегалскиот камп Нусејрат. Израелската армија сè уште не ги коментирала обвинувањата.

Историски миг во Египет: Договорот за Газа ставен на хартија со потписот на Трамп

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот