Такси/Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Расте револтот кај скопските таксисти, можен е протест ако институциите не реагираат

Таксистите уште на 12 февруари имале една средба со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а неколку денови подоцна и официјално доставиле предлози за решавање на сите проблеми со кои секојдневно се соочуваат. Оттогаш досега, како што велат, нема никаква реакција од Градот.

Со години наназад се наталожуваат многубројни нерешени прашања, кои директно влијаат врз работата на такси-превозниците и безбедноста на патниците. И покрај многубројните укажувања и иницијативи, институциите сѐ уште не реагираат за надминување на проблемите.

Ова го тврдат од Групацијата за авто-такси превоз на град Скопје, од каде што посочуваат дека револтот кај таксистите со право е многу голем, па поради тоа веќе се во постојан контакт со Синдикатот, со кого договараат начин, датум и место за одржување протест.

Таксистите уште на 12 февруари имале една средба со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а неколку денови подоцна и официјално доставиле предлози за решавање на сите проблеми со кои секојдневно се соочуваат. Оттогаш досега, како што велат, нема никаква реакција од Градот.

Минатиот месец тие испратиле и барање за средба и итно решавање на проблемите и до Владата, но и оттаму досега нема никаква реакција.

Се бара рок за приспособување на возилата на еколошките стандарди

Од една страна, имаме поплаки од граѓаните дека недостасуваат такси-возила во Скопје, таксиметрите се диво штелувани и ги крадат патниците, имаме непријавени вработени такси-возачи, диви такси-возила без лиценца, а од друга страна Градот почнува да не издава и да не продолжува лиценци на постари возила од 2011 година, без никаква официјална најава, ниту, пак, се дава разумен рок како секаде за да можат таксистите да се приспособат. Ова значи дека стотици возила нема да работат, посочува Сашо Рајчановски, претседател на оваа групација.

 

Според него, секаде во Европа условите се врзуваат за еколошки стандарди евро 4, а во високоразвиените неколку земји евро 5, па сега веќе и евро 6. И самите таксисти барале да се исфрлат евро 1, 2 и 3 и да се даде една година рок за приспособување, но начинот на кој сега се постапува, не е добар.

Град Скопје: Не е донесена конечна одлука

Од Град Скопје, пак, тврдат дека активно работат во насока на подобрување на јавниот превоз, сообраќајот во градот, како и такси-превозот во главниот град.

Во таа насока, нашите заложби се да се унапредуваат сите овие сфери за сите инволвирани во нив како и за корисниците, а истовремено позитивно да се влијае врз животната средина и воздухот. Од тие причини се размислува во повеќе насоки, но не е донесена конечна одлука, а една од нив е и забрана за користење стари возила (на пример евро 4) во такси-превозот – одговараат од Градот за „Слободен печат“

Низ Скопје возат околу 4000 таксисти, од нив само 200 се вработени: Ќе се реши ли хаосот?

Паралелно, како што велат, се спроведуваат секојдневни контроли од градските инспектори за отстранување на дивите таксисти во координација со МВР и досега биле изречени голем број глоби и се одземени голем број сообраќајни дозволи од дивите таксисти, со цел сузбивање на нелегалната конкуренција во такси-превозот.

Посочуваме дека градоначалникот веќе оствари една средба со такси-превозниците, а за наредната средба и предлог-идеите, ќе бидете благовремено известени – велат од Град Скопје.

Таксистите со предлози за надминување на хаосот

Таксистите имаат повеќе предлози за решавање на хаосот со такси-превозот.

Најпрво предлагаат заштита на комбинацијата на бои за такси-возилата во Државниот завод за индустриска сопственост. Тие сметаат дека на тој начин нема да можат дивите такси-возила да бидат обоени бели со жолти хауби, затоа што ќе одговараат пред институции.

Предлагаат и решавање на проблемот со жолтите таблички, односно сметаат дека е добро решение да се издава документ од Градот со број на шасија на возилото за да се добијат жолти таблички.

Градоначалникот да бара итна измена и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај за да мора Градот да издава изводи на лиценци на такси-возила со минимум еден вработен возач на возило, како што беше до 2018 година, што е нормално и како што било секогаш и секаде. Ако вработувањето е еден од условите за добивање извод од лиценца (како што беше), тогаш сообраќајните инспектори ќе можат и тоа да го контролираат – гласи еден од предлозите.

Инспекторите во контрола, таксистите реагираат: Вината не е само наша, Град Скопје со месеци нема огласи за лиценци

Овој предлог доаѓа затоа што се покажало дека измената на Законот во 2018 година, направена по барање на три такси-компании во времето на градоначалникот Петре Шилегов, создала многу проблеми. Имено, денес Градот издава лиценци без услов да има пријавен авто-такси возач, со што може такси-компанија да функционира со 90 возила, пријавени во АВРМ да бидат само 13 такси-возачи, а да бара поврат на ДДВ од сите 90 таксиметри.

Ова е класичен пример како се уништува една дејност за да се задоволат потреби на 3 такси-компании, без консултација, разговор и процена од другите форми на здружување во такси-дејноста – истакнуваат од Групацијата.

Еден од предлозите – одземање возила без лиценци

Покрај ова, таксистите предлагаат одземање на возилата што немаат лиценци, проширување на капацитетот на такси-станиците и отворање нови на места каде што имаат потреба граѓаните, кои нема да пречат на нормално функционирање на сообраќајот и нивно обележување, и од март 2027 година да не се издаваат лиценци на такси возила под евро 4 стандард, со што драстично би се освежил возниот парк на таксистите.

Бараат и инспекторите да си ја вршат работата и од нив да се бараат резултати затоа што, како што велат, на улиците има такси-возила без лиценци, лиценцирани такси-возила без фискални таксиметри, но и со диво наштелувани таксиметри, потоа има лиценцирани такси-возила без задолжителните обележја – необоени, без ценовник и без задолжителните налепници.

И не само што таксистите се незадоволни од условите во кои работат, уште понезадоволни се патниците што ги користат нивните услуги, затоа што бројот на диви таксисти постојано се зголемува, а на граѓаните им е сѐ потешко да направат разлика помеѓу нив и регуларните, поради тоа што голем е бројот и на оние што имаат жолти таблички, а не возат повеќе за лиценцирана такси-компанија. Скопјани се жалат и дека тешко се доаѓа до слободно возило особено во вечерните часови и дека речиси никој не се јавува на повик за покуса релација.

Најголем проблем им е и како да знаат дали таксиметарот ќе им исчука повисока сума, односно дали е баждарен или не. Рајчановски објаснува дека регуларно наштелуваните и баждарени таксиметри имаат налепница пломба, како и ценовник на стаклата на задните врати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот