Ќе поскапат и кредитите и провизиите
Гувернерот Трајко Славески оценува дека е подобро да има повисоки камати за кредитите отколку зголемување на инфлацијата. Во врска со најавите за зголемени провизии од три големи и една помала банка, Славески вели дека Народната банка не гледа причина за зголемувањето
Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поенти. Така, новата камата е 4,25, место досегашните 4 проценти. Оваа камата е сигнал до банките за да и тие ги зголемат каматите. Но, како што вели гувернерот Трајко Славески, деловната одлука е во рацете на комерцијалните банки, а и самиот одговор доаѓа со задоцнување.
Препорачано
– Од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици – рече гувернерот на денешната прес-конференција.
Тој рече дека најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација и умерено нагорно ревидирани цени на енергентите и на дел од прехранбените производи, во услови на продолжена неизвесност.
– Иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се малку поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока – потенцираше гувернерот.
Тој рече и дека „иако ниските каматни стапки се популарни, тие ја подгреваат инфлацијата, а тоа ги засега најсиромашните“.
– Подобро повисоки каматни стапки, отколку зголемување на инфлацијата – дециден е гувернерот.
Како банките ќе ги формираат идните каматни стапки, зависи од повеќе фактори.
– Мерката од Народната банка е сигнален ефект, а каматните стапки зависат од деловната политика на банките. Тоа, пак, зависи од повеќе фактори, како цената на нивните извори на финансирање и проценка на ризикот – објасни Славески.
Според гувернерот, сегашните каматни стапки, особено ако се погледаат каматните стапки за станбените кредити, се меѓу пониските во Европа.
Гувернерот се осврна и на најавеното зголемување на провизиите од неколку банки. Тој истакна дека неговиот став е дека услугите во платниот промет се јавно добро, како струјата и водата, и дека треба да бидат регулирани.
– Ние како Народна банка преземавме некои мерки, кои доведоа до намалување на давачките. Во врска со најавите за зголемени провизии од страна на три големи и една помала банка, не гледаме причина за зголемување. Тие имаат стабилни добивки. По нашите укажувања една поголема банка ја одложи новата тарифа за неколку месеци – рече Славески.
Тој посочи дека укажуваат на можноста со закон да се определат одредени давачки што би биле бесплатни. Како пример ја посочи Хрватска.
– Укажуваме на можноста голем дел од банкарските услуги да бидат бесплатни, како отворање и затворање сметка и електронско банкарство – рече Славески.
Тој уште еднаш потсети и на предлогот за измени на Законот за платежни услуги и платни системи, со кои ќе се овозможи помасовно користење на платежната сметка со основни функции.
– Само 140 граѓани досега ја користат платежната сметка со основни функции, а причината се ограничувањата – вели Славески.
Тоа е сметка со која за триесетина денари месечно би се вршеле неограничен број уплати и повлекување готовина и неограничен број платежни трансакции во денари.
Славески рече дека за ова имале средба со Македонската банкарска асоцијација и очекуваат одговор.


