Трамп по средбата со Зеленски: Русија мора да постигне мировен договор
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека Русија треба да постигне мировен договор со Украина, додавајќи дека ќе направи сè што е во негова моќ за да стави крај на војната по средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Трамп пристигна на самитот на Г7, кој се одржува од 15 до 17 јуни во Франција, со прелиминарен договор за прекин на конфликтот со Иран и со обновен фокус на завршување на војната во Украина.
Зеленски и европските лидери се обидоа да го убедат Трамп дека позицијата на Украина е подобрена и дека на Киев му е потребна дополнителна поддршка за да ја зајакне својата преговарачка позиција во идните мировни разговори со Москва.
Трамп позитивно ја оцени средбата со украинскиот лидер и со останатите лидери на Г7, одржана зад затворени врати.
„Ќе направам сè што можам. Русија мора да постигне мировен договор. Решив осум војни. Мислев дека оваа ќе биде најлесната за решавање“, рече тој.
Трамп, исто така, додаде дека имал многу добра средба со Зеленски.
Европа и Украина се обидуваат да го променат ставот на Трамп
„Главниот фокус е да се зајакне воздушната одбрана на Украина и да се придвижи дипломатијата за Русија да ја заврши војната. Потребен е мир“, напиша Зеленски на платформата „Икс“ по средбата.
Европски дипломати изјавија дека средбата поминала во конструктивна атмосфера. Тие додадоа дека имаат заедничка проценка дека Русија е во дефанзива.
Француски дипломат рече дека лидерите на Г7 се согласиле дека динамиката на бојното поле сега е во корист на Украина и се обврзале да му обезбедат на Киев дополнителни капацитети за воздушна одбрана.
ВИДЕО | Доналд Трамп го прослави 80-от роденден со УФЦ-спектакл во Белата куќа
Европските лидери се обидуваат да го убедат Трамп дека претходните американски позиции за можните услови на мировен договор биле премногу наклонети кон Москва, особено по украинските напади со беспилотни летала на руска територија, кои ја подобрија позицијата на Киев.
„Текот на настаните се менува во корист на Украина. Ситуацијата во 2026 година е многу поинаква од онаа во 2025 година. Украина храбро ја брани линијата на фронтот. Русија сè поотворено покажува знаци на замор. Сега е време уште повеќе да ја засилиме нашата поддршка“, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на „Икс“.
Зеленски се обидува да создаде нов дипломатски импулс и да обезбеди поголема улога на Европа. Тој вчера изјави дека му понудил на рускиот претседател Владимир Путин да се сретнат на самитот на Г7. Путин, пак, повеќепати ја отфрли можноста за директни разговори со Зеленски, освен ако тие не се одржат во Москва.
Г7 ќе разговара за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец
Работниот ручек беше посветен на безбедното повторно отворање на Ормускиот Теснец, кој Иран во голема мера го затвори по нападите на САД и на Израел кон крајот на февруари, како и на изнаоѓање алтернативни поморски рути. Трамп изјави дека теснецот ќе биде целосно отворен во петок.
Привремениот договор треба да отвори 60-дневен период за сложени технички преговори, кои ќе ги опфатат иранските резерви на високо збогатен ураниум и укинувањето на меѓународните санкции.
Сепак, европските сојузници стравуваат дека неискусниот американски преговарачки тим нема да успее да обезбеди цврст нуклеарен договор ниту да ја опфати иранската програма за балистички ракети во следната фаза, што би можело да доведе до долготраен застој.
Трамп рече дека договорот со Техеран јасно и недвосмислено предвидува Иран да не развива нуклеарно оружје, нешто што Техеран со години го негира.
Му понудив на Путин средба на самитот Г7 или во САД, вели Зеленски


