фон дер лајен EPA/JESSICA LEE

Европскиот парламент даде зелено светло за намалување на царините за увоз од САД

Европскиот парламент го одобри намалувањето на царините за увоз на голем број американски производи, со што се отстрани една од последните пречки за спроведување на трговскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави.

Одлуката претставува важен чекор кон целосно спроведување на договорот постигнат минатата година меѓу Брисел и Вашингтон, а доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Европската Унија може да се соочи со значително повисоки тарифи доколку не ги исполни своите обврски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката на Европскиот парламент и рече дека Европската Унија го исполнува својот дел од договорот.

-Договор си е договор – а ЕУ го прави својот дел. Со оваа пресвртница, само неколку дена сме од исполнување на нашата обврска за отстранување на царините за увоз на американски индустриски стоки. Со целосно спроведување од двете страни, нашиот договор ќе донесе уште повеќе придобивки за граѓаните и за бизнисите. Обезбедување силна и стабилна трансатлантска трговија и инвестиции – рече Фон дер Лајен во објава на Платформа X.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно објави дека САД ќе воведат „многу повисоки“ царини за Европската Унија доколку одредбите од трговскиот договор постигнат минатата година не бидат исполнети до 4 јули.

Европскиот парламент ја поддржа имплементацијата на намалувањето на царините со 440 гласови „за“ и 151 глас „против“, што практично го отвори патот за целосно спроведување на договорот.

Одлуката, исто така, го продолжи бесцаринскиот увоз на американски јастози, што претставува продолжување на специјалниот трговски договор постигнат за време на првиот претседателски мандат на Трамп.

Да потсетиме дека трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД беше постигнат минатиот јули во Шкотска. Според тој договор, ЕУ се обврза да ги укине увозните давачки за американските индустриски стоки и да обезбеди поповолен пристап до одредени американски земјоделски производи, додека САД ги задржаа царините од 15 проценти за повеќето стоки што доаѓаат од Европската Унија.

Иако рамковниот договор беше постигнат пред речиси една година, неговото спроведување беше одложено поради потребните законодавни процедури во европските институции. Гласањето во Европскиот парламент претставуваше последна голема пречка за спроведување на договорените мерки.

ЕУ губи 600 милиони долари дневно поради војната во Иран, алармира Фон дер Лајен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот