Струјата ќе се троши како алва, потрошувачката ќе ни се зголеми за 26 проценти до 2040 година -процени Светска банка
Инвестициите во ветерна, сончева и модерна енергетска инфраструктура ќе бидат од суштинско значење за задоволување на идната побарувачка и подобрување на енергетската безбедност, порачаа од Меѓународната финансиска корпорација
Новите технологии значајно ќе ја зголемат потрошувачката на електрична енергија во светот, а во таа насока ќе биде и растот на потрошувачката во Македонија. До 2040 година, македонската потрошувачка ќе се зголеми за дури 26 проценти, се процените на групацијата Светска банка, која вчера одржа Ден на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
ОД ИФЦ порачаа дека тие даваат голема поддршка на зелената транзиција низ светот, а тука се и за македонските проекти.
– Ја гледаме енергетиката како стратешка дејност. Северна Македонија има значителен потенцијал за проширување на домашното производство на обновлива енергија и зајакнување на својата енергетска независност. Инвестициите во ветерна, сончева и модерна енергетска инфраструктура ќе бидат од суштинско значење за задоволување на идната побарувачка и подобрување на енергетската безбедност. Треба да се искористи приватниот капитал. Привлекувањето на приватните инвеститори ќе биде особено значајно – рече Вибке Шломер, директорка на одделот за Западен Балкан и Јужен Кавказ во ИФЦ.
Таа порача дека треба да се работи на повеќе јавно-приватни партнерства во државава.
– Гледам дека многу странски компании работат овде. Следен чекор кон кој треба да се премине е производство со поголема додадена вредност и заштита на екосистемот. Гледаме инфраструктурни проекти, но има јазови. Сакам да ве заинтересирам за јавно-приватно партнерство. Работиме на стотина јавно-приватни партнерства во светот. Тоа овозможува да се донесе експертиза од приватниот сектор и забрзана реализација на проектите – им порача на претставниците на приватниот сектор Шломер.
Особено пари треба во енергетиката, потенцираше Вадим Вадим Шербаков, офицер за инвестиции во инфраструктура на ИГЦ.
– За енергетската транзиција треба големи инвестиции за производство, пренос, складирање, но добро е што апетитите на инвеститорите се големи. Тука е поддршката на меѓународните финансиски институции и на комерцијалните банки – рече Шербаков, но посочи и дека приватните инвеститори се соочени со потреба од големи пари однапред и со голема административна процедура.
– Енергетскиот контекст на Северна Македонија е поврзан со енергетскиот контекст во Западниот Балкан. Гледаме посветеност на Владата за напуштање на фосилните горива, како и значителен напредок во правната рамка – потенцираше Шербаков.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која го отвори настанот, отворено зборуваше за потреба од поголема поддршка од ИФЦ на овдешните домашни компании.
– Кога зборуваме за зголемување на основачкиот влог на нашата земја, прашав што тоа ќе значи за нас. Да, ИФЦ поддржува одредени компании, но тоа се странски инвеститори. Јас барав поддршка за домашните компании и им пренесов дека имам чувство дека тие не им веруваат. Потоа двапати немавме состанок. Но, сега сме овде и ја очекувам поддршката за домашните компании – рече министерката.
Од позначајните проекти во моментов, ИФЦ го поддржува проектот на „Алказар енерџи“ за изградба на ветерници во Штип, кој треба да напојува повеќе од 100.000 домаќинства и да намали до 690.000 тони емисии на јаглерод диоксид годишно.


