„Целта е да се унапредат, а не да се уназадат меѓуетничките односи“ — јавна расправа за законот за правична застапеност
Дел од експертите што учествуваа во јавната расправа оценија дека законското решение е лошо, не предвидува етнички квоти и ќе значи враќање на правичната застапеност при вработувањата во администрацијата во времето од пред 2001 година, а други рекоа дека се постигнува баланс на три нивоа – согласност од сите етнички заедници, консензус меѓу власта и опозицијата и учество на меѓународната заедница
Да му дадеме шанса на законот за правична застапеност, а со тоа и на унапредувањето, наместо на уназадувањето на меѓуетничките односи, е пораката на универзитетските професори кои го поддржуваат законското решение.
Препорачано
На јавната расправа за законот во Собранието, дел од нивните колеги оценија дека законското решение е лошо, не предвидува етнички квоти и во практиката ќе значи враќање на правичната застапеност при вработувањата во администрацијата во периодот пред 2001 година и побараа законот да се повлече и да се доработи.
Професорот Јетон Шасивари, кој учествуваше во работната група за подготовка на законот, рече дека законите кои регулираат вработувања во јавната администрација треба да ги опфати заедниците на сите нивоа, почитувајќи ги компетенциите на кандидатите.

– Законот им гарантира на кандидатите од сите етникуми еднаквост при вработувањата во администрацијата, гарантира и социјална кохезија и зачувување на професионалноста на јавната администрација. Балансерот беше критикуван од Европската комисија и укинат од Уставниот суд, бидејќи беше злоупотребуван и беше погрешна алатка. Законот го гарантира правото на секој дали ќе се изјасни за својот етникум. Тоа е лично чувство и не може да биде наметнато од државата. Изјаснувањето на етникумот останува слободно, но личната карта ќе биде индикатор за превенција од можна злоупотреба при вработувањето – рече Шасивари.
Професорот Александар Спасеновски истакна дека правичната застапеност е темелна вредност на уставниот поредок. Според него, ако се анализира правичната застапеност до 2001 година, таа во институциите не била адекватно реализирана и организирана. По 2001 година, откако правичната застапеност стана уставна обврска до 2014 година, таа се реализирала врз основа на политичката волја.

– Со воведувањето на баласерот во 2014 година, сè досега, имплементацијата на системот на правична застапеност е со силни елементи на злоупотреби и партизација. Бев дел од работната група, разговаравме девет месеци за потребата за унапредување на правичната и соодветна застапеност, но и на зајакнување на системот на заслуги. Повеќе од пет решенија поминаа низ рацете на експертите и резултатот е законот, зад кој стојам со сиот кредибилитет. Сметам дека со законот се постигнува баланс на три нивоа – прво да има согласност од сите етнички заедници, оваа дискусија е потврда на тоа, сметам дека во суштина се прифаќа предлогот. Второто ниво е консензус меѓу власта и опозицијата. Верувам дека ако има забелешки, може да се вметнат во законот и за него да го гласаат 120 пратеници. Трето е учеството на меѓународната заедница. Венецијанската комисија не случајно беше вклучена во подготовката на законот, а целта беше да се добие поддршка од тие експерти и тие да кажат дали сработеното е во ред или не. Венецијанската комисија даде позитивно мислење. Баравме решение кое ќе ги унапреди меѓуетничките односи, а не ќе ги уназади. Дајте му шанса на законот -рече Спасеновски.
Наспроти позитивните оцени за законот, магистерот по кривично право Агрон Демири смета дека законот има сериозни недостатоци. Според него, постои ризик за партиски вработувања наместо правичност при вработувањата.

– Правичната застапеност не смее да биде политичко средство за политички калкулации. Законот не е во духот на Рамковниот договор. Очекувам да се остави простор за суштинско подобрување на законот. Наша цел не е блокирање на процесот, туку подобар закон – вели Демири.
Хава Куртиши Зубери, правник, даде афирматива оцена на законот.
– Изјаснувањето на етничката припадност не може да биде законска одредба за граѓанинот. Ова е ирелевантно при вработувањето. Иако балансерот беше функционален, сепак, тој бил злоупотребуван. Законот сака да постигне јасна слика каква е состојбата во институциите. Подобро да е лош законот отколку да нема закон – рече Куртиши Зубери.
Професорот од УКИМ, Иван Стефановски, смета дека законот се движи во позитивна насока и дека треба да ја обезбеди правичната застапеност на заедниците и ефикасна администрација.

– Долгорочно, ниту една политика нема да е успешна ако се спротивставува на принципот на мерит-системот. Може да се заострат санкциите за злоупотреба, односно забраната за конкурс во администрацијата од три да се зголеми на шест месеци за да се зачува интегритетот на системот. Треба да се зајакне координативното тело и во него да има и претставници на министерствата. Треба систематски да се следи состојбата во институциите на сите заедници, а не само на двете најголеми – рече Стефановски.
Според професорот Артим Салиу, не е точно дека балансерот не го уважувал мерит-системот, бидејќи при вработувањата се проверувала стручност и компетентноста на кандидатите.

– Во законот најконтроверзна е идентификацијата со лична карта, бидејќи може да се идентификува името и презимето, ама не и нацијата. Етничка припадност треба задолжително да се изрази. Потребни се и казнени механизми. Дилемата е дали се предлага закон за мерит-систем или закон за правична и соодветна застапеност – рече Салиу.
Законот доби поддршка и од претставникот на Народниот правобранител.


