Сексуални напади, проблеми со дрога и силувања — кој е Мариус Борг Хоиби, осудениот син на норвешката принцеза?
Мариус Борг Хоиби, 29-годишниот син на норвешката принцеза Мете-Марит, денеска е осуден на четири години затвор откако беше прогласен за виновен за две точки од обвинението за силување.
Препорачано
Според пресудата на Окружниот суд во Осло, тој е ослободен од обвинението за две други силувања, но е осуден и за голем број други кривични дела, пишува Би-би-си. Хоиби не присуствуваше лично на изрекувањето на пресудата во судницата 250 на Окружниот суд во Осло, туку се вклучи преку видеоврска. За време на постапката, обвинителството побара казна од седум години и седум месеци затвор.
Од друга страна, пак, адвокатите на Хоиби се залагаа за значително пониска казна од 18 месеци и најавија можност за жалба на пресудата. Четирите обвинувања за силување датираат од 2018 до ноември 2024 година. Едно од наводните силувања се случило во официјалната резиденција на неговите родители на имотот Скаугум.

Сенка на угледот на кралското семејство
Мариус Борг Хоиби (29) е најстариот син на норвешката принцеза Мете-Марит од претходна врска и посинок на норвешкиот престолонаследник Хакон.
Членовите на кралското семејство се популарни во Норвешка, но проблемите на Борг Хоиби со законот фрлија сенка врз нивниот имиџ, како и обвинувањата за бројните контакти на неговата мајка Мете-Марит со осудениот американски сексуален предатор Џефри Епстин, одговорен за подведување, силување и други форми на сексуално насилство врз стотици девојчиња и жени.
Објавувањето на сетот документи од досието на Епстин ја стави Мете-Марит во центарот на вниманието на норвешката јавност, бидејќи таа се споменува неколку стотици пати во нив. Документите покажаа дека таа ја користела вилата на Епстин во Флорида неколку дена на почетокот на 2013 година, што го потврди и кралското семејство, велејќи дека ја изнајмила преку заеднички пријател. Уште во 2019 година, кога Епстин повторно беше уапсен, Мете-Марит рече дека жали што била во контакт со него, а сега наведе дека „мора да преземе одговорност што не го истражила неговото минато подетално и што не сфатила порано каква личност е“.
Синот на норвешката принцеза осуден на четири години затвор за силување
Влошена здравствената состојба на Мете-Марит
Принцезата Мета-Марит (52) пред неколку недели објави дека страда од белодробна фиброза, а нејзините лекари минатата недела го ставија нејзиното име на листата на чекање за трансплантација на бели дробови, наведувајќи дека нејзиното здравје значително се влошило во последните месеци.

Мариус Борг Хоиби – од светла иднина до бездна?
Мариус Борг Хоиби е роден на 13 јануари 1997 година во Осло во текот на кратката врска на Мете-Марит со Морено Борг, кој отслужувал затворска казна за напад и поседување кокаин.
Кога Мете-Марит се појавила во јавноста како девојка на принцот Хакон, престолонаследник на Норвешка, Хоиби од медиумите го добил прекарот „малиот Мариус“. Прекарот потекнува од ликот во романот „Отров“ од 1883 година, кој – како и Хоиби – е роден надвор од брак и е прикажан како аутсајдер. На јавноста ѝ станал познат во декември 2000 година, кога се појавил на официјалните божиќни фотографии од кралското семејство направени во Кралската ложа, Холменколен.
Неговата мајка и Хакон ја објавиле својата свршувачка подоцна истиот месец. Медиумските коментари во тоа време се фокусирале на потеклото на Мете-Марит како самохрана мајка и на фактот дека таткото на Хоиби имал криминално досие, што предизвикало јавна дебата. ТВ 2 подоцна напишал дека „со самото свое постоење, Мариус Борг Хоиби многумина го сметале за скандал за кралското семејство. Мете-Марит и Хакон се венчале на 25 август 2001 година, со што Мете-Марит станала крунисана принцеза на Норвешка, а Хоиби посинок на Хакон.
На четиригодишна возраст, Хоиби служел како паж на кралската венчавка на која присуствувале бројни европски кралски семејства, а за која наголемо известувале меѓународните медиуми.
Хоиби е полубрат на принцезата Ингрид Александра и принцот Свере Магнус, двете деца на неговата мајка со Хакон. Хоиби завршил средно училиште во 2016 година за да започне да студира бизнис во САД следната година, но се откажал по неколку месеци без да се стекне со диплома, пишува на „Википедија“.
На крајот на 2017 година, Хоиби накратко се вратил во Норвешка за да работи како практикант за дизајнерот Филип Плејн. Потоа работел како уредник за стил за британскиот моден магазин „Темпус“ до неговото затворање во декември 2018 година.
Хоиби повеќепати ги угостувал членовите на криминалната банда „Ангели на пеколот“ на настани во својот дом што ги нарекол „фестивали Скаугум“. На овие настани, принцезата Мете-Марит лично ги примала гостите. На овие забави се консумирала дрога.
Хоиби имал низа врски со познати девојки. Тој се забавувал со наследничката Лин Хелена Нилсен, моделот и актерка Џулијан Снекестад и инфлуенсерката Нора Хаукланд.

Дебело криминално досие
Од 2017 година, Хоиби беше вмешан во низа кривични дела поврзани со наводи за насилство, употреба на дрога и прекршување на забрани за приоѓање. Во 2023 година, членови на единицата за организиран криминал на полицијата во Осло го предупредиле Хоиби за неговата употреба на кокаин и неговата поврзаност со лица познати по кривични дела поврзани со дрога.

Хоиби беше уапсен во август 2024 година под обвинение за напад врз неговата девојка. Неколку дена подоцна, тој се извини за инцидентот и истакна дека бил под дејство на кокаин и алкохол и дека ќе побара лекување, пишува „Британика“. Во 2024 година, полициското испрашување на Хоиби открило дека принцот Хакон, „заедно со крунската принцеза“, ги плаќал неговите сметки. Хоиби добивал 20.000 круни секој месец.
Во следните месеци, Хоиби се соочи со обвинувања за силување во кои биле вклучени разни жени, а во јуни 2025 година беше формално обвинет за повеќекратни обвиненија за силување и сексуален напад. Неколку дена пред неговото судење да започне во февруари 2026 година, тој беше уапсен и обвинет за неколку кривични дела, вклучително и напад.
Кон крајот на 2024 година, Хоиби започнал програма за рехабилитација од дрога. Во 2024 година, медиумите објавија дека тој ја злоупотребил привилегијата да поседува дипломатски пасош. Од 2025 година, Хоиби нема дипломатски пасош.
Бидејќи Хоиби е роднина со кралското семејство само преку брак, тој нема кралски титули и е надвор од линијата на наследување. Со Устав му е забрането да стане крал на Норвешка.
Норвешкото обвинителство бара седум години затвор за синот на принцезата, обвинет за силување


