Синот на норвешката принцеза обвинет за силување плачел во судницата: „Не спијам со жени кои не се будни“
Мариус Борг Хојби (29), син на норвешката крунска принцеза Мете-Марит, му рекол на судот во Осло дека не се сеќава дека снимил фотографии и видеа што беа пронајдени на неговиот мобилен телефон, за кои полицијата тврди покажуваат како сексуално злоставува жена во кралската резиденција.
Препорачано
Хојби, син на Мете-Марит од врската пред бракот со крунскиот принц Хакон, е обвинет за вкупно 38 кривични дела, вклучувајќи четири точки за силување и повеќе напади. Тој се изјаснил за невин за најтешките кривични дела, а во случај на пресуда дека е виновен, му се заканува казна затвор до 16 години.
Судењето доаѓа во чувствително време за норвешкото кралско семејство, кое е под силен јавен притисок, при што самата Мете Марит се соочи со критики во последните месеци за нејзините врски со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин.
Сведочејќи во средата во Окружниот суд во Осло, 29-годишниот Хојби ја изнел својата верзија за настаните од забавата во 2018 година, за време на која обвинителството го товари дека ја допирал жената додека била во несвест, пишува Би-би-си.
Забавата, според него, се одржала во подрумот на Скаугум, официјалната резиденција на наследникот кралската двојка, додека тие биле на горниот кат. Судот во вторникот разгледал четири видеа и 10 фотографии снимени помеѓу 7:12 и 7:17 часот наутро еден ден во декември 2018 година. Обвинителството верува дека во тој период е извршено силување без сексуален однос, што според норвешкиот закон исто така спаѓа во кривичното дело силување.
Запрашан за снимките пронајдени на неговиот телефон, Хојби рекол:
– Воопшто не се сеќавам дека сум ги снимил.
Тој потврдил дека на снимката се гледа жена која изгледа како да спие, но ги негирал обвинувањата за силување. На суд тврдел дека тој и жената имале спогодбен сексуален однос, но не додека таа била во несвест.
– Не спијам со жени кои не се будни – рекол Хојби.
Веќе на почетокот од сведочењето Хојби се расплакал, велејќи дека му било „неверојатно тешко да зборува пред толку многу луѓе“. Тој навел дека медиумите го „вознемируваат и мачат“ уште од детството и дека живеел живот „со кој малкумина можат да се идентификуваат“, обележан со чести забави, алкохол и дрога.
– Познат сум само како син на мајка ми. Имав екстремна потреба за потврда, а тоа се манифестираше преку многу секс, дрога и алкохол – изјави тој пред судот.
Неговото сведочење следувало по изјавите на наводната жртва, која рекла дека се сеќава дека имала сексуален однос со Хојби порано таа вечер, но дека го прекинала. Таа навела дека воопшто не се сеќавала на наводното силување сè додека полицијата не ја контактирала и не ѝ ги покажала снимките.
Според нејзините зборови, таа била „целосно без свест“ на видеата, а дознавањето за ова било „шок и предавство“ за неа. Таа изјавила дека верува дека била дрогирана. Жртвата низ солзи рекла дека не сакала да биде жртва, додавајќи: „За жал, тоа е она што станав, благодарение на Мариус Борг Хојби“.
Хојби рекол дека верува дека на забавата се консумирале алкохол и дрога, но дека таа вечер пред сето ова „не му останала особено во сеќавањето“. Тој повторно нагласил дека не се сеќава дека снимал фотографии и видеа и дека не се сеќава јасно ниту на самиот сексуален однос, но дека, според неговите зборови, бил доброволен и со согласност.
Хојби додал дека интимните фотографии и снимки ги чувал во посебна апликација на својот телефон затоа што „не сака да прелистува низ еден куп голи фотографии“, нагласувајќи дека тие биле наменети исклучиво нему.
Синот на норвешката принцеза уапсен поради напад со нож во пресрет на судењето за силување


