Ели Панова - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ели Панова - Фото: Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ели Панова: Во ЕУ расте разбирањето дека билатералните спорови не смеат да го кочат проширувањето

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата Ели Панова, во интервју за „Слободен печат“ вели дека опозицијата намерно го блокирала Изборниот законик, оценува дека во Европската Унија созрева свеста оти билатералните спорови не смеат бесконечно да го попречуваат проширувањето и очекува Владата да го истера мандатот до крај без предвремени парламентарни избори.

Недонесувањето на Изборниот законик, евроинтеграциите, новите иницијативи во Европската Унија, состојбите во опозицијата и политичката стабилност на Владата, беа главните теми за кои разговаравме со пратеничката Ели Панова.
Таа тврди дека парламентарното мнозинство првпат навреме го отворило процесот за подготовка на Изборниот законик, оставајќи простор сите парламентарни партии да учествуваат во неговото креирање, но дека по повеќемесечни разговори консензус сепак не бил постигнат.

– Четири месеци разговаравме, имавме состаноци и дебати за сите отворени прашања. Нашата намера беше да ги имплементираме препораките на ОБСЕ и ОДИХР и да го исполниме и последниот услов од реформската агенда. За жал, на крајот видовме дека опозицијата не беше подготвена тоа да се случи. Со илјадници амандмани практично го блокираше процесот – вели Панова.

Според неа, станува збор за политичка одлука, а не за несогласувања околу содржината на законските решенија. „Покажаа политичка незрелост. Наместо да придонесат кон еден важен реформски процес, се одлучија за блокада.“

Една од најспорните точки беше гласањето на дијаспората. Панова повторува дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека македонските државјани кои живеат во странство треба полесно да го остваруваат своето избирачко право, вклучително и преку електронско гласање или гласање по пошта.

– Не можеме да трошиме значителни средства за организирање избори, а во некои дипломатско-конзуларни претставништва да гласаат по десетина луѓе затоа што останатите немаат можност да патуваат со часови. Тоа се наши граѓани и државата мора да им овозможи полесен пристап до гласањето – вели таа.

Во разговорот беше отворена и дилемата дали, ако веќе се воведуваат современи начини на гласање за дијаспората, тие треба да важат и за граѓаните што живеат во Македонија, особено во местата каде избирачките места се далеку од нивното живеалиште.

На ова Панова одговори дека токму таков предлог никогаш не бил доставен од опозицијата.

– Тоа беше една од темите за кои можеше да се разговара. Но таков предлог не дојде од опозицијата. Наместо да предложат истиот модел да важи и за граѓаните во Македонија, тие категорично се спротивставија на секое решение што се однесуваше на дијаспората. Ние бевме подготвени да разговараме за сите модели – изјави Панова.

Говорејќи за политичката атмосфера, таа оцени дека денешната опозиција не нуди алтернативни политики, туку сè сведува на блокади.

„Колку е подобра опозицијата, толку е подобра и власта. Но денес имаме опозиција која повеќе се занимава со дневна политика отколку со решенија. Наместо конструктивни предлози, гледаме блокади. Тоа не е добро ниту за Собранието, ниту за државата.“

Во интервјуто беше забележано дека власта речиси секојдневно ја критикува слабоста на опозицијата, иако токму силна опозиција е предуслов за посилна демократија. Панова, пак, смета дека Владата не може да ја создава опозицијата.

– Наша работа е да ги реализираме проектите за кои сме добиле доверба. Каква ќе биде опозицијата е нивна одговорност – вели пратеничката.

Значителен дел од разговорот беше посветен на европските интеграции и најновата иницијатива на осум земји-членки на Европската Унија, кои преку таканаречен нон-пејпер предлагаат забрзување на политиката на проширување.

Панова смета дека ваквите иницијативи покажуваат дека во европските институции расте разбирањето оти билатералните спорови не смеат бесконечно да го блокираат процесот на пристапување.

– Имаме партнери кои ја разбираат позицијата на Македонија. Оваа иницијатива е нова и сè уште немаме повеќе детали, но мислам дека токму во оваа насока треба да се движат работите – билатералните прашања да не бидат причина една земја бесконечно да остане надвор од Европската Унија – изјави Панова.

Таа нагласува дека Владата не бара привилегии, туку гаранции дека исполнувањето на сегашните услови нема да биде вовед во нови барања.

„Нашата цел е да добиеме гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде само почеток на нови блокади. Во изминатите две години успеавме да им ја објасниме на европските партнери македонската позиција и денес имаме многу повеќе разбирање отколку претходно.“

Паралелно со дипломатските активности, додава Панова, Владата ја исполнува реформската агенда и на тој начин покажува дека Македонија е кредибилен партнер на Унијата.

– Ние ја работиме домашната задача. Ги носиме реформските закони, ги исполнуваме обврските и покажуваме дека сме сериозна држава. Тоа е единствениот начин да бидеме кредибилен партнер – вели Панова.

Во однос на прашањето за борбата против корупцијата и состојбите во правосудството, таа посочува дека во изминатите две години се донесени повеќе системски закони со кои се подобрува функционирањето на судовите и обвинителствата, но признава дека законите сами по себе не можат да го променат интегритетот на поединците.

– Можеме да донесеме закони, да обезбедиме услови и кадровски капацитети, но интегритетот на судиите и обвинителите не се создава со закон. Важно е што покажавме дека нема недопирливи и дека институциите постапуваат и кога станува збор за луѓе од највисоките структури на правосудството – изјави Панова.

Прашана дали очекува предвремени парламентарни избори, пак, вели дека за тоа нема ниту политичка, ниту практична потреба.

„Граѓаните ни дадоа мандат да ја реализираме програмата. По реконструкцијата на Владата има нова енергија и нови луѓе кои треба да испорачаат резултати. Имаме стабилно парламентарно мнозинство и нашата цел е да го завршиме мандатот. Не гледам потреба од предвремени парламентарни избори. Мислам дека до нив нема да дојде.“

Таа ја отфрла и тезата дека реконструкцијата е последица на незадоволство од коалициските партнери.

– Не станува збор за незадоволство, туку за нова енергија и нови приоритети. Секоја влада има потреба од освежување ако сака да биде поефикасна – вели Панова.

Осврнувајќи се на ДУИ, Панова оцени дека партијата сè уште не успева да понуди нова политичка агенда.

„Во Собранието речиси и да не гледаме политики од ДУИ, туку главно теми поврзани со етничките прашања. Ќе им биде потребно време повторно да се позиционираат како сериозен политички фактор.“

На крајот, Панова порача дека Владата останува подготвена за соработка со сите политички партии кога станува збор за стратешките интереси на државата.

– Кога се во прашање европските интеграции, реформите и националните интереси, ние сме подготвени да разговараме со сите. Но за тоа е потребна волја и од другата страна – вели за „Слободен печат“ пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Ели Панова.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот