Савески се „вади“ за „Талир 2“, Ристоска го демантира: Лично му кажав дека ако ми ги земе предметите, ќе поднесам оставка
По ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски со која беше одбиено и барањето за одземање на партискиот имот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, републичкиот јавен обвинител Ненад Савески се обиде да ги отфрли обвинувањата дека токму неговата одлука да и ги одземе предметите „Талир“ на обвинителката Ленче Ристоска резултирал со пресуда во корист на владејачката партија тврдејќи дека ако Ристоска не дадела оставка, таа ќе го водела овој предмет. Но, Ристоска веднаш го демантираше и обелодени дека лично му кажала на Савески дека ќе поднесе оставка ако ѝ ги одземат предметите.
Препорачано
Савески „оваа страна на вистината“ ја кажа во изјава на денешната седница на Советот на јавни обвинители иако ова не го спомена ниту кога соопшти дека ќе им ги одземе овластувањата на сите обвинители кои работат на предмети коишто не се од нивните матични обвинителства, туку со овластување на претходните обвинители, ниту пак кога Ристоска соопшти дека си дава оставка.
Според него, овластувањата што биле повлечени се однесувале на поставување обвинители во предмети за кои не биле надлежни во рамките на своето обвинителство, а Ристоска во конкретниот случај била надлежен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
– Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Во овој предмет моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на овој предмет – потенцира Савески.
„Талир 2“ остана да го работи обвинител од скопското Обвинителство, додека другиот предмет „Талир 1“, обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а Ристоска беше обвинител за врски на Македонија во Европравда.
-Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2″ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка. Како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можев да постапувам по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно сум постапувала. Предметот „Талир 2″ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски — во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет. Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука. Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука — но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите – реагира Ристоска.
Експремиерот Никола Груевски е ослободен во случајот „Талир 2“
Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за Груевски и го одби барањето за конфискација на замрзнатиот партиски имот, за што Обвинителството не реагираше, но реагираше Ристоска, според која контекстот на донесената пресуда, го потврдуваат нејзиното уверување дека предметите и биле намерно одземени за да се отежни конфискацијата на имотот.
Обвинителството уште не донело одлука дали ќе поднесе жалба на пресудата.
– Не можам да ви одговорам сега бидејќи, како и во секој предмет, така и во овој, ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил Обвинителството со својата одлука и образложение или не – истакна државниот јавен обвинител.
На забелешката дека Обвинителството вообичаено најавува жалба по ослободителни пресуди и дека дел од аргументите можеле да бидат слушнати и за време на усното образложение во судницата, Савески истакна дека лично не бил присутен на изрекувањето на пресудата.


