Христијан Мицкоски / Фото: Вечер / скриншот

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

Граѓани ми рекоа: Премиере, не се враќаме дома за празниците, туку засекогаш, тврди Мицкоски додавајќи дека нашите луѓе веќе не ги гледаат западните земји како средина во која нивните деца ќе се развиваат

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Вечер“ ги повтори своите претходно кажани оценки дека се забележува зголемен тренд на враќање на македонските иселеници во земјава, нагласувајќи дека тоа е „јасен сигнал дека граѓаните повторно ја гледаат својата иднина дома“.

Тој наведе пример од неодамнешното враќање од Брисел, кога на летот од Франкфурт за Скопје бил испратен авион со значително поголем капацитет од вообичаениот. Мицкоски тврди дека ова не е изолиран случај, туку тренд кој сè почесто се забележува и кој, како што рече, @носи голема одговорност за институциите#.

„Мислам дека е моментот тие луѓе да си ги вратиме дома, а наша обврска како држава е да им понудиме работа, стабилност и услови за достоинствен живот“, вели премиерот.

„Тоа го слушам сè почесто — луѓе кои сакаат да се вратат ако како Влада им обезбедиме инвестиции, работни места, дел од нив да имаат можност за сопствен бизнис растеретени од притисокот дека секаде мора да се потплати за да успеат, едноставно да обезбедиме надеж“, додаде тој.

„Бидејќи таму веќе не се пронаоѓаат, ниту ја гледаат таа средина како место каде што треба нивните деца треба да се развиваат – од една страна левичарско прелиберална, а од друга страна обременета и под притисок од други култури, менталитети и сентименти кои се мешаат и создаваат притисок врз нив кој не можат да го издржат и убеден сум дека ќе сакаат да се вратат. Убеден сум дека со проактивни политики ќе успееме да ги вратиме“, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот