Сѐ е подготвено за спектаклот на годината: Аргентина и Шпанија вечерва играат за светска титула
По 103 одиграни натпревари на Светското фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико, остана уште големото финале кое ќе се одигра вечерва. На стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, со почеток од 21 часот по македонско време, ќе се одигра најважниот фудбалски натпревар во годината, финалето на Мундијалот меѓу актуелниот европски шампион Шпанија и бранителот на светската титула Аргентина.
Препорачано
Покрај битката за најпрестижниот трофеј, за првпат во историјата на Светските првенства ќе бидат доделени и уникатни шампионски прстени, а вниманието на светската јавност ќе биде насочено и кон неверојатната приказна што наликува на филмско сценарио, дуелот меѓу Лионел Меси, кого многумина го сметаат за најдобриот фудбалер на сите времиња и Ламин Јамал, талентот кој веќе се гледа како негов наследник во Барселона.
Иако е во доцните години од својата кариера, 39-годишниот Меси игра како во најдобрите денови, додека на другата страна ќе стои 19-годишниот Јамал. Симболиката е уште поголема поради легендарната фотографија од 2008 година, на која тогаш 20-годишниот Меси, во рамки на хуманитарна акција, го капе бебето Јамал, не ни претпоставувајќи дека 18 години подоцна токму тоа момче ќе му биде ривал во еден од најголемите натпревари во кариерата.
Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, порача дека неговата репрезентација максимално се подготвува за финалето.
„Ќе ни биде потребно нашето најдобро издание. Не размислуваме за тоа дека ова е финале на Светско првенство. Се подготвуваме максимално“, изјави Скалони.
Тој го истакна напредокот на Аргентина во текот на турнирот и потсети на одличното второ полувреме против Англија во полуфиналето.
„Тимот покажа многу позитивни работи. Второто полувреме против Англија беше навистина одлично. Во добра форма сме, иако секогаш може подобро. Играме против извонреден противник. Ние сме добро познат тим и токму затоа уште повеќе вреди тоа што повторно стигнавме до финалето“, рече аргентинскиот селектор.
Од спротивната страна, селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, изјави дека секоја година би потпишал да игра финале, дури и ако на крајот не ја освои титулата.
„За мене најважно е да бидеме во позиција да се бориме за победа. Секоја година би прифатил да играме финале, дури и ако го загубиме. Важно е да ја имаш шансата, а ние ќе се обидеме да го искористиме овој момент со нашите квалитети против противник кој има импресивна серија резултати. Не, не сум нервозен. Всушност, единственото што ме прави нервозен е тоа што се враќаме во хотелот со хеликоптер“, изјави низ насмевка Де ла Фуенте.
Посочи дека со Скалони делат слична фудбалска филозофија и вредности.
„Мислам дека имаме многу заеднички работи. Делиме исти концепти, принципи и вредности кои ги водат двете репрезентации. Во вакви натпревари одлучуваат најситните детали и знаеме дека ќе има многу моменти што можат да го променат текот на финалето“, додаде шпанскиот стратег.
Шпанија во финалето влегува како репрезентација со најдобра одбрана на турнирот, со само еден примен гол, а притоа демонстрираше исклучителна тактичка зрелост елиминирајќи ја Франција со 2:0 во полуфиналето.
Од друга страна, Аргентина предводена од Меси, кој досега има осум голови и четири асистенции, уште еднаш го покажа својот победнички карактер и способноста да се врати и кога изгледа дека сè е загубено. Тоа најдобро го потврди драматичниот пресврт против Англија за победа од 2:1, како и мечот со Египет, кога „гаучосите“ губеа со 2:0 до 79. минута, но на крајот славеа со 3:2.
Правдата на големото финале ќе ја дели словенечкиот судија Славко Винчиќ.
Лаутаро во солзи по херојскиот гол против Англија: „Го сонував ова“
ВИДЕО | Бронзата за Англичаните, хет-трик на Букајо Сака против Франција


