Раjски плажи без метеж — овој регион е прогласен за најпотценета летна дестинација во светот
Италијанскиот регион Апулија е прогласен за најпотценета дестинација за летен одмор во светот, покажува најновото истражување на компанијата „Еминент“, која анализирала повеќе од 50 помалку познати туристички места со цел да ги открие најатрактивните, но недоволно ценети летни дестинации, пишува американскиот магазин „Травел енд лејжр“.
Препорачано
Во рамки на истражувањето биле споредувани повеќе фактори, меѓу кои застапеноста на дестинациите на социјалните мрежи како алтернатива на најпопуларните туристички центри, бројот на посетители, просечните летни температури, разновидноста на туристичката понуда и цените на сместувањето.
Апулија, која се наоѓа на самиот југ на Италија, има повеќе од 16,2 милиони објави на социјалните мрежи, на кои се прикажани нејзините живописни бели населби, тиркизното море и архитектурата стара со векови. Иако секоја година ја посетуваат околу 6,7 милиони туристи, регионот и понатаму е значително помалку оптоварен со гужви во споредба со најпознатите италијански туристички центри. Просечната летна температура таму достигнува околу 30 Целзиусови степени.
Истражувањето посочува дека Апулија нуди и одличен однос меѓу цената и квалитетот. Туристите имаат избор од 1.536 различни атракции, како и повеќе од 830 хотели за еднонеделен престој во јуни. Просечната цена за сместување изнесува околу 639 американски долари, што се оценува како многу пристапна понуда.

На второто место се најде Окинава во Јапонија, која поради тиркизното море и тропските плажи често ја нарекуваат азиски Кариби. Со повеќе од 14 милиони објави на социјалните мрежи, Окинава нуди многу помирен одмор во споредба со раздвижените Токио и Кјото.
Третата позиција повторно ѝ припадна на Италија, овојпат со островот Сардинија. Неговите плажи, археолошки локалитети и природни убавини се појавуваат во околу 9,6 милиони објави, иако островот привлекува значително помал број туристи во однос на континенталниот дел на земјата.
На листата се најде и јужнокорејскиот град Бусан, кој со повеќе од пет милиони фотографии од своите плажи и препознатлива панорама, како и со поволните цени за сместување, се издвојува како одлична алтернатива на динамичниот Сеул.
Десетте најпотценети летни дестинации за оние што сакаат да ги избегнат туристичките гужви се:
1. Апулија, Италија – 16,2 милиони објави на социјалните мрежи
2. Окинава, Јапонија – 14 милиони
3. Сардинија, Италија – 9,6 милиони
4. Бусан, Јужна Кореја – 5,1 милион
5. Гдањск, Полска – 4,8 милиони
6. Торино, Италија – 4,4 милиони
7. Кападокија, Турција – 3,6 милиони
8. Нара, Јапонија – 3,5 милиони
9. Менорка, Шпанија – 3,4 милиони
10. Ла Паз, Мексико – 2,9 милиони.


