Прогласена е епидемија во Гостивар, службите дневно ќе ја следат состојбата со заболените
Центарот за јавно здравје Тетово – епидемиолошка служба Гостивар, попладнево прогласи епидемија во Гостивар, објави Гостиварпрес.
Препорачано
„Поради зголемен број заболени, надминување на лимитот на неделно ниво пријавуваме епидемија на подрачје на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, анкетираме заболени пациенти, се преземаат мерки“, информираа од службата.
Состојбата и натаму се следи на дневно ниво, а бројот на заболени со стомачна инфекција покажува раст. Во последните 24 часа во гостиварската болница биле прегледани околу 200 пациенти на Инфективното одделение и околу 110 деца на Педијатрија, најголемиот дел со симптоми на дијареа, повраќање и дехидрација.
Во Итна помош се јавиле 290 луѓе.
Владата донесе одлука интервентно да обезбеди од денес и во наредните неколку дена по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции.
Дистрибуцијата на водата ќе се реализира прелу Службата за општи и заеднички работи на Владата преку седум пунктови:
– Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139
– Градинка „Пролет“, ул. Беличица бр. 47
– СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште), ул. Живко Брајковски бр. 39
– ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ Гостивар, ул. Браќа Ѓиноски бр. 165
– АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница), ул. Илинденска
– Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг, ул. Чеде Филиповски бр. 29
– Територијална противпожарна единица – Гостивар, ул. Беличица бр. 35
„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, со цел навремено и точно информирање“, соопштија од Владата.
Владата ќе доделува по 50.000 литри дневно вода преку различни пунктови во Гостивар
Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден даде препораки за населението за користење на водата и превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода.
Инаку, како што потсетија оттаму, надлежните органи ја забранија употребата на водата до добивање на резултатите.
На 17 овој месец, по појавата на зголемен број граѓани, кои изминативе десетина дена се жалеа на стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење, која се дистрибуира во градскиот водовод.
Причинителот на епидемијата не е утврден официјално, но полицијата и Обвинителството истражуваат дали тоа што Градот Гостивар заедно со ЈП „Водовод“ на диво поставиле три пумпи во Вардар и ги поврзале со главниот цевковод што го напојува градот, всушност дојде до оваа состојба.
ВИДЕО | Водата во Гостивар е кафена, експертите велат дека е направено свесно кривично дело


