Незапирлив подем на ФПО — владината коалиција во Австрија во нов пад
ФПО достигна рекордни 38 проценти поддршка и убедливо води во анкетите, додека владејачките ОВП и СПО паднаа под 20 проценти, што дополнително ја отвора дилемата дали актуелната коалиција ќе успее да ја врати довербата на гласачите до изборите во 2029 година.
Австриската десничарска Слободарска партија (ФПО), продолжува убедливо да води во анкетите за јавно мислење и според најновото истражување би освоила 38 проценти од гласовите доколку парламентарни избори се одржат сега. Истражувањето, кое го спроведе институтот „Маркет“ од Линц, покажува дека владејачките партии, Австриската народна партија, ОВП, и Социјалдемократската партија, СПО, бележат дополнителен пад и првпат по подолго време се под границата од 20 проценти. Резултатите ја отсликуваат зголемената недоверба на граѓаните кон актуелната власт, која се соочува со предизвици околу државниот буџет, мерките за штедење и економската состојба. Истовремено, опозициските Зелени бележат раст на поддршката, додека Комунистичката партија останува далеку под изборниот праг за влез во парламентот.
Препорачано
ФПО достигна највисока поддршка во последните години
Според анкетата, ФПО ужива поддршка од 38 проценти, што претставува највисок резултат за партијата во изминатите години. Политичкиот аналитичар Давид Пфархофер од институтот „Маркет“ оценува дека партијата успешно привлекува гласачи со едноставни и јасни политички пораки, додека владата е оптоварена со сложени економски и финансиски прашања. Анализата на податоците покажува дека најголем дел од поддршката за ФПО доаѓа од мажи, жители на руралните средини и граѓани постари од 50 години.
Од друга страна, ОВП би освоила 18 проценти од гласовите, што е првпат од декември наваму да падне под границата од 20 проценти. Веднаш зад неа е СПО со 17 проценти, што претставува најлош резултат за социјалдемократите во последните години. За споредба, по парламентарните избори во 2019 година партијата имаше поддршка од 18 проценти, што досега беше еден од нејзините најслаби резултати.
И покрај тоа што владата истакнува дека од почетокот на својот мандат парламентот усвоил 179 законски решенија, тоа засега не се одразува врз поддршката кај избирачите. Пфархофер смета дека владејачката коалиција се наоѓа во исклучително тешка позиција и дека нејзините партии ќе мора да се надеваат на економско закрепнување и на поуспешна реализација на заедничките политики.
Aнкетата за канцеларите носи дополнителни проблеми за власта
Покрај ФПО, единствен значителен раст бележат и Зелените. Според анкетата, партијата предводена од Леоноре Гевеслер би освоила 12 проценти од гласовите. На парламентарните избори во 2024 година Зелените добија 8,2 проценти, што значи дека во моментов имаат значително подобра позиција отколку пред речиси две години.
Поддршката за Комунистичката партија останува непроменета и изнесува три проценти. На последните избори таа освои 2,4 проценти и не успеа да го помине законскиот праг од четири проценти потребен за влез во Националниот совет.
Анкетата содржи и симулација на директен избор на сојузен канцелар. Во такво сценарио, актуелниот канцелар Кристијан Штокер од ОВП би освоил само 15 проценти, што е помалку од поддршката што ја има неговата партија. Лидерот на СПО, Андреас Баблер, добива девет проценти, додека лидерката на НЕОС, Беате Мајнл- Рајзингер, осум проценти. Лидерот на ФПО, Херберт Кикл, ја зголемува својата поддршка од 29 на 34 проценти, а Леоноре Гевеслер добива шест проценти.
Владата се соочува со тежок период до изборите во 2029 година
Според Пфархофер, резултатите покажуваат дека голем дел од граѓаните гледаат песимистички на иднината и токму кај тие избирачи ФПО има најголема поддршка. Според него, главен предизвик за владата ќе биде повторно да изгради доверба кај јавноста преку конкретни резултати и подобрување на економската состојба. Тој додава дека останува неизвесно дали актуелните лидери на владејачките партии ќе успеат да го променат негативниот тренд.
Редовните парламентарни избори во Австрија се предвидени најдоцна до есента 2029 година, доколку претходно не бидат распишани предвремени избори. Доколку сегашните односи на силите останат непроменети, формирањето влада без учество на ФПО би било исклучително тешко. Според анкетата, ОВП, СПО и НЕОС заедно би освоиле 45 проценти од гласовите, што би било недоволно за стабилно парламентарно мнозинство без дополнителен коалициски партнер. Таквиот распоред на политичките сили укажува дека во наредните години политичката сцена во Австрија би можела да стане уште понеизвесна, а преговорите за составување влада значително посложени отколку досега.


